Партиите кои се дел од коалицијата Вреди во Тетово вечера го одржаа завршниот митинг на градскиот плоштад од каде ја побара поддршката од граѓаните за нивните кандидати за градоначалници и советници.
Актуелниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами, побара поддршка за негов втор мандат нудејќи ја неговата развојна платформа „Еден глас за Тетово“.
Тој оцени дека политиката на коалицијата Вреди е веќе препознаена од граѓаните како победничка затоа што, рече, ги одвоиле инвестициите од аферите, не ги расипала лакомоста и се држеле настрана од навреди како нивните опоненти.
– Ние победивме, драги тетовци, затоа што го извадивме Тетово од темнината. Го спасивме од колапс, го трансформиравме и го развиваме. Победивме затоа што денес Тетово добива нов стадион, модерни булевари, градинки и нови училишта, спортски сали и базени. Ние победивме, драги тетовци, затоа што го преполовивме долгот на општината, го вративме градот на колосек, победивме затоа што Тетово е подготвено за второто поглавје: Тетово со жичарница, Тетово со пат и тунел кон Призрен, Тетово со гигантски инвеститор на Попова Шапка. Победивме затоа што оваа визија, со вашата поддршка, ќе ја претвориме во реалност во следниот четиригодишен мандат – истакна Биљал Касами.

На митингот во Тетово се обратија и другите претседатели на партиите кои ја сочинуваат коалицијата ВРЕДИ.
– На 19 октомври, да се гласа мирно и достоинствено, како што доликува на сите нас. До 2028 година нема да има нови избори, вие ќе се одморите, ние ќе работиме – истакна Изет Меџити.
Пред насобраните граѓани се обрати и Алби Ќамили, носител на листата со кандидати за советници на Коалицијата ВРЕДИ за Општина Тетово.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата