logo
logo
logo

ЛАЖНИ ЕЛЕКТРОНСКИ ПОРАКИ ГИ ВОЗНЕМИРУВААТ ГРАЃАНИТЕ

МВР не праќа покани за истражни постапки преку е-маил адреси

Vecer | 10.11.2025

МВР не праќа покани за истражни постапки преку е-маил адреси

Министерството за внатрешни работи ги предупреди граѓаните да бидат внимателни и да не отвораат лажни електронски пораки во име на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ).

МВР соопшти дека до неколку граѓани, од страна на сторители кои лажно се претставуваат во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага. Во пораките се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен е-маил бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа кривични дела, како што се детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.

МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажни пораки кои не се испратени од страна на Бирото за јавна безбедност при МВР. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните, со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку е-маил адреси.

„Апелираме до граѓаните да не ги отвораат ваквите пораки, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците. Исто така, апелираме граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на било која електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, се наведува во соопштението од МВР.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk