Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и британскиот секретар за надворешни работи Дејвид Лами денеска во Форин офисот во Лондон потпишаа Декларација за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Шефот на македонската дипломатија на Фејсбук објави дека со ова се отвора ново поглавје во односите меѓу двете земји и се зајакнуваат билатералните односи со Обединетото Кралство, а средбата ја оцени како историска.
„Овој документ ќе ги зајакне и унапреди стратешките односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, особено во рамките на НАТО. Разговаравме и за неодамнешниот договор ‘влада со влада’, кој ќе ја зголеми трговијата, ќе го поттикне економскиот раст и ќе овозможи реализација на низа инфраструктурни проекти. Разговаравме и за нашето сојузништво во рамките на НАТО, како и за соработката во мултилатералните организации“, напиша Муцунски на својот профил на Фејсбук.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата