Со воведувањето на системот „Сејф Сити“, сите кои несовесно ги носат животните во главниот град ќе бидат откриени и санкционирани, порача вчера градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски кој најави добра вест за проблемот со бездомните кучиња кој со години ги мачи скопјани.
Според него оправдани се забелешките на граѓаните.
Камерите кои се дел од „Безбеден град“ - проектот за поголем ред во сообраќајот ќе може да послужат и за откривање на појави за кои често се алармира во главниот град - носење на бездомни кулиња од други општини кои се оставаат низ парковите, улиците и булеварите на Скопје.
Ѓорѓиевски упати апел до скопјани да бидат партнер во оваа борба.
- Секоја појава да се пријавува бидејќи само со заедничка акција можеме да воведеме ред и да изградиме систем што функционира. Многу брзо од денес започнуваме конкретна постапка за проширување на капацитетите на „Лајка“, со што ќе обезбедиме простор, грижа и достоинствен третман за бездомните кучиња. Тие се живи суштества кои заслужуваат заштита, храна, ветеринарна грижа и шанса за подобар живот. И затоа ве уверувам дека проблемот со бездомните кучиња ќе биде решен, вели градоначалникот на Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата