Претседателката Гордана Сиљановска Давкова одржа денес маратонски говор во Собранието во кој тргна од Кочани, евроинтеграцијата, судскиот систем, економијата, па до улогата на Народната банка на Македонија, енергетиката, двокрадците, претераната урбанизација, образованието, имиграцијата, животната средина, дијаспората, климатските промени – и што уште не.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во денешното годишно обраќање пред пратениците во Собранието повика на национален консензус во однос на евроинтеграциите и потенцира дека проблемот не е само административен, туку лежи во уставните амандамни нагласувајќи дека тоа е политички критериум. Според неа, потребни се јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија.
Генерално таа порача дека речиси цела надворешно-политичка активност годинава ја насочила на евроинтеграцијата, иако не оствари посета ни на Брисел, ни на Берлин , ни на Париз надвор од пошироките собири, а како „историска“ ја оцени својата посета на Азербејџан. Освен поплаките за условите што ни ги поставува ЕУ за продолжување на преговорите, претседателката успеа да лоцира вина и кај претходната влада со оценка дека, по промената на името на државата, секоја друга уставна промена што се бара од нас изгледа бенигна за ЕУ.
„Потребна е политичка волја, наша и на Унијата (за да продолжат преговорите). Ние сме предложиле повеќе политички решенија, а ЕУ треба да избере едно од нив или да најде решение самата. Ако можеше да го направи тоа за Украина, може и за нашата држава“, порача Сиљановска за блокадата на евроинтеграцијата. Според неа, со уште една уставна измена, од овој процес ќе излеземе како старецот од морето – со костур од риба во рацете, нагласувајќи потоа: „Еве до каде не доведоа храбрите одлуки“ (на претходната власт)“.
Во тој стил таа посочи дека највисоки оценки од ЕУ Македонија добила во периодот од 2017 до 2020 година, кога сме ги потпишале Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор , а сега сме стигнале до „ограничен напредок“, па заклучи дека тоа сме го заслужиле со прифаќање на решенија и услови што не се поврзани со владеењето на правото, кои ги нарече „нов политички критериум“.
„На вагата на ЕУ нашите уставни измени вредат повеќе од вистинските реформи“, рече претседателката нагласувајќи дека најнов услов сега е внесувањето на Бугарите во Уставот иако во 1996 година во студија за „Повторното враќање на демократијата“ Уставот на Македонија се нашол меѓу 12 други што биле издвоени.
„Секаде каде што одев го бранев нашето уставно право за европско членство и посочував на парадоксалната недоследност дека сме 20 години со статус на кандидат за членство“, рече таа прашувајќи јавно „како може со записник да се амандманира билатерален договор ( со Бугарија)?“
Осврнувајќи се на трагедијата во Кочани, Сиљановска – Давкова рече сите ние ќе ја носиме траумата од трагедијата во Кочани посочувајќи, меѓу другото, дека со пожарот во кој загинаа 63 лица, на површина излегоа стихијното одлучување недостигот на системска култура, неказнивост и ја истакна потребата за длабоко преиспитување.
– Кочани не доведе до ѕидот на срамот, рече таа. Таа оцени дека трагедијата не била само несреќен случај, туку резултат на системски пропусти, корупција и институционална неодговорност кои државата ја довеле до „ѕидот на срамот“.
Сиљановска Давкова рече дека толерирањето на корупцијата и несанкционирањето на криминалот ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа.
– Кочани не беше само трагедија. Тој настан нè доведе до ѕидот на срамот, а потоа и до можноста за катарза… Во случајот на Кочани не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал. Ја разбирам болката на семејствата на настраданите. Го разбирам нивниот оправдан гнев и бес – истакна претседателката.
Таа потсети и на моментите на солидарност – медицинските тимови, хеликоптерите и активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита, кои покажаа дека во најтешките моменти „не сме сами“.
Претседателката Силјановска Давкова побара од политичките партии и политичарите да ги прекинат препукувањата на дневна основа на сметка на судскиот процес за Кочани. Со овој судски процес, како што рече, ќе се види дали судството ќе ја стекне или трајно ќе ја изгуби довербата кај граѓаните. Неслучајно, додаде таа, преговорите со ЕУ почнуваат и завршуваат со правосудството.

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието нагласи дека една од најважните работи за враќање на општествената доверба е потребата за право и непристрасна и навремена правда.
Таа посочи дека проектот Безбеден град покажал дека навиките се менуваат тогаш кога правилата важат подеднакво за сите, без врски и протекции.
-Но, потенцирам, нужен е системски пристап кон решавањето на сообраќајните проблеми врзани за соочување со неконтролираното градење коешто го оптоварува и парализира сообраќајот во определени градски делови. Во решавањето на овие проблеми клучна улога има и локалната самоуправа. Општините мора да ја зајакнат инспекциската контрола и урбанистичката дисциплина за јавниот простор да не бидат жртва на стихија и лични интереси. Правдата е основа на довербата и извесноста. Државата треба да ги штити граѓаните, а не граѓаните да чувствуваат дека треба да се штитат од државата односно од аномичниот судски систем, порача шефица на државата.
Нагласи дека затоа се важни реформите во правосудството, коишто започнуваат најпрво со донесување на новиот закон за Судски совет.
Претседателката Сиљановска – Давкова рече дека се надева оти Собранието наскоро ќе го донесе новиот закон за Судски совет и оти потоа таа ќе номинира двајца претставници.
-Стариот закон беше генератор на криза во судството. Овозможуваше партизација, политизација, нестручност и некомпетентност. Со новиот закон, којшто го помина и строгиот филтер на Венецијанската комисија, за којшто верувам дека наскоро ќе го изгласате, се заоструваат критериумите за избор, се зголемува и транспарентноста. Затоа, наместо да брзаме со пополнување на испразнети места во Судскиот совет според старите критериуми, можеби е подобро да го почекаме новиот закон за да формираме меритократски темелен Судски совет, рече таа.
Посочи дека од успешноста на реформите во правосудството ќе зависи и развивањето на неговата отпорност на различни влијанија.
-Од успешноста на правосудните реформи ќе зависи дали нашето судство ќе има сила да каже „не“, кога политиката ќе му вели „да“. Од тоа ќе зависи, дали ќе ја зацврстиме довербата на граѓаните во правото и правдата, иако во правосудната сфера не постои формална обврска за усогласување со европското законодавство, јасно е дека без правна рамка компатабилна со најдобрите европски практики не може да има владеење на правото. Реформите мора да бидат водени од принципи, а не од партиски интереси. Од знаење и интегритет, а не од партиска лојалност, истакна претседателката.
Додаде дека во тој контекст нејзината одлука да се воздржи од номинација на двајца членови на Судскиот совет се додека не се донесе новиот закон не бил чин на пасивност, туку чин на одговорност.
-Свесна бев дека нема судски реформи со антиреформски профили креирани по мерка на партиите, а не по мерка на владеење на правото. Согласно новиот закон за Судски совет врз основа на јасни мерливи и строги критериуми ќе предложам добри кандидати, луѓе со неспорен интегритет, професионален углед и знаење. Со тоа ќе се прекине праксата на политички договори зад затворени врати и ќе се отвори патот за вистинска меритократија во судството. Само независен Судски совет може да биде гарант на правдата, се друго е илузија што ја плаќаат граѓаните, рече Сиљановска – Давкова.
Се осврна и на работата на Уставниот суд, нагласувајќи дека неговите одлуки не смеат да бидат под притисок на политиката.
-Во време на турбуленции неговата независност е од суштинско значење. Одлуките на Уставниот суд не смеат да бидат под притисок на политиката, туку да се темелат на правна аргументација и уставни принципи. Секогаш сум се залагала за почитување на институционалната рамнотежа преку системот на стеги и кочници. Претседателот нема право да ја узурпира судската власт, но има право да ја брани неговата независност. Само така институциите можат да функционираат како систем, нагласи претседателката.
Таа спомена дека на почетокот на годинава укажала и дека Законот за помилување во сегашната форма не обезбедува доволна правна сигурност, ниту транспаретност. Додаде дека помилувањето не смее да биде акт на дискреција без јасни правила, туку механизам со јасни одредби во јавен интерес, нагласи Сиљановска – Давкова.
Околу бранувањата за навестеното можно доаѓање на азиланти од Обединетото Кралство претседателката рече дека ако тие се безбедносна закана за таа држава, уште поголема безбедносна закана се за нашата.
Таа го „нападна“ и неконтролираното градење во државата и повика на урбана дисциплина за јавниот простор со порака дека државата треба да ги штити граѓаните, а не тие да се штитат од неа.
Во својот говор таа истакна дека како претседателка, која настапува како граѓанка, имала комуникација со многу граѓани од кои ја чула нивната потреба, со наши успешни луѓе, но и со лицата со попреченост.
Во својот говор таа зборуваше и за надворешната политика, за правичната застапеност, за фемицидите, за животната средина…
Зборуваше и за лицата со попреченост барајќи и тие да бидат вклучени во групата малцинства и оценувајќи дека социјална држава не значи сиромашна држава, по што побара да се инвестира повеќе во нив и во способностите што ги имаат.
За загадувањетио т.е. за заштитата на животната средина оцени дека треба да се третира како дел од националната безбедност, а за дијаспората – дека е второ крило на македонската економија прашувајќи реторички – може ли да се лета со едно?
Таа исто така иницираше донесување закон за дијаспората бидејќи според неа само држава што има силни врски со неа просперира, а досега од наша страна таа била запоставувана.
На годишното обраќање на претседателката Сиљановска – Давкова присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претставници на судската власт, началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски, претставици на верските заедници, на дипломатскиот кор и други.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата