СДСМ е мојот Карл Густав Јунг. Ми чепка низ потсвест, ги извлекува сите мои скриени фрустрации, пред очи ми вади симболи што ми ја дешифрираат комплексно кодираната психа и ми ги разбива стекнатите илузии. На пример, долго време, декларирајќи се како независен вмроовец (сите убави и умни трубат дека се независни), вообичаено на избори, гласам за ВМРО-ДПМНЕ, убеден дека овие, за разлика од другите што се нудат на политичкиот пазар, имаат макар некаков капацитет, колку толку да водат држава според некои воспоставени светски правила.
Но тоа воопшто не е така.
Јас всушност, гласам за вмровците затоа што длабоко во себе не сакам западна демократија, туку исламска држава. Како го сфатив ова? Па, на последната психосеанса, СДСМ ми откри дека Мицкоски е ајатолах. А кога премиерот што сум го гласал е ајатолах, значи државата е џамахирија. И не само тоа. Ми стана јасно зошто во соништата толку често имам интимни рандевуа токму со Миа Калифа, а не со некоја друга.
И тамам се помирив со фактот дека јас сум еден обичен вмроовски муџахедин, кога власта се истопори јавно да каже како силно ја поддржува воената операција на САД и Израел против Иран. Што агресија? Не, не, агресија врши Русија врз Украина, а ова што Јeнките и Евреите им го прават на Персијците се вика операција.
Значи само што се соочив со вистината дека длабоко во себе сум посакувал сите нордистанки да се забулат, владата на нордистанскиот калифат застана зад американско-израелската агрес… операција.
А којзнае, можеби на Мицкоски, тесен му е Нордистан, може и тој, како Александар Македонски, сонува да се прошири на Исток, но бидејќи во срж и суштина е ајатолах, се надева дека, откако иранскиот режим ќе падне, нему ќе му го дадат Иран на владение. Ама па и СДСМ се истопори да каже дека и тие стојат рамо до рамо со Трамп и Нетанјаху, односно, ако Мицкоски се мести за нов ајатолах, тие секако можат да бидат калиф наместо калифот. Како и да е, Дончо и Биби можат да здивнат кога веќе знаат колку силни сојузници имаат.
Миа Калифа прекрстува нога врз нога седната во удобната фотелја на моите соништа, па ми вели, време е за геополитика на еротиката. Веднаш ја послушав и ги заследив врвните нордистански геополитички аналитичари, експертите за длабински анализи во порнографијата на војната.
Брзо заклучив дека на овие стручни еротомани и сексолози им испари страста за руско-украинскиот секс, кој мора да се признае, навистина здосади зашто стана премногу конвенционален, а позата мисионерска, што секако не може константно да те држи во состојба на милитаристичка ерекција.
Секој вистински медиумски сексолог на посакуваната воена перверзија очајно се досадува кога следи две остарени и забревтани тела во словенска мисионерска прегратка без страст и гласни воздивнувања, па оттука, прав еротоман од седмата сила, посакува возбудлив генгбенг среде кој високо до небо се дигаат големи, долги, цврсти и дебели проектили со разорна потенција за ерекција кои потоа, жестоко пенетрираат среде бедрата на пет прста отворената земја, навидум сува како пустина, ама во суштина, спремна да биде навлажнета од семето на балистиката.
А дека овие наши камасутра-аналитичари на уметноста на војната не манипулираат со јавноста, докажуваат нивните еротично набилдани компаративни анализи, кои можат да се сведат на: а бе гледате ли како Израел и САД го онадат Иран, double penetration; брат, не како Русија, која четири години не може да сврши врз Украина, овие нашиве, штрцаат, брат, во сите дупки, во уста, браааат! Така пеат тифозите на војната.
Но оргазмичната радост на нордистанските медиумски експерти за компаративна анализа на геосексуалната воена стратегија, која покажува дека рускиот лопата-секс е обична пубертетлиска мастурбација, во однос на јудео-американската високософистицирана модерна вибратор-оргија, значи оваа нивна оргазмична радост, за жал, одвреме-навреме, знае да биде вознемирена со упад на некои небитни импотентни лигуши, кои инсистираат, на нашиве врвни тифози на војната да им спуштат ерекција преку глупи муабети за некакви убиени девојчиња во иранска гимназија.
Тоа се истите оние што јадеа трици за некои си таму луѓе, живи запалени во Одеса, па западните медиуми мораа да снимаат филмови во Буча. Прво, оние во Одеса, логично беше да бидат запалени, затоа што одбија да согорат од топлината на срцето на Нуланд чии раце правеа сендвичи и плетеа револуција.
Второ, не може да зборуваме за никакви убиени девојчиња, оти за нив не врескаат светските меинстрим-медиуми, кои единствено имаат лиценца за вистина. А-ха, од „Њујорк тајмс“ објавиле дека не израелските, туку американските сили ја рокнале гимназијата каде што загинаа 171 девојче и тоа било колатерална штета што нè носи до трето и последно, а гласи: на крајот на краиштата, ако Иран беше демократија, тие девојчиња ќе ја имаа целата слобода да завршат на врелите плажи и во богатите скутови на елитата среде рајскиот остров на Епстин, а не вака, во пеколен режим, да дремат забулени низ ходниците на некоја таму минабска гимназија.
По врвните анализи на нашите медиумски сексолози на војната, неупатен човек како мене, сака да ѕирне и кај секогаш возбудената вмрежена јавност. Боже мој! По петнаесет минути сурфање низ еротските бранови на социјалните мрежи добив впечаток дека никој од нордистанската јавност не одел во оние обични градинки со бесмислени детски имиња, туку сите до еден завршиле образование на „Вест Поинт“, воената академија.
Сега ми е јасно како Александар Македонски за толку кратко време стигнал до Индија. Ако претпоставиме дека ние сме негови потомци, тогаш јасно е дека со царот, низ светот, не се акале некакви таму војници, туку врвни господари на воената стратегија.
Малку се изненадив кога сфатив дека колку што, меѓу политичариве, медиумџииве и експертиве, имаме НАТО-фундаменталисти, ЕУ-фанатици и идолопоклоници на САДизмот, толку меѓу вмрежената јавност имаме поклоници на ајатолахот, иранската џамахирија и јавни бесења за возбудување на скриената психопатска потреба на јавноста да го фрла каменот кон сè што не размислува во рамките на поставената матрица.
Значи, океј, ме убедивте, нема да се изненадам ако веќе утре, Ким Јонг-ун закачи некоја гадна настинка, а вие поради тоа западнете во вознемирена хистерија. И доста е за денеска, во исчекување на подготвување терен за новите политички, воени и медиумски наративи доколку новава кланица не тргне во посакуваниот правец според планерите на воената агрес… операција, јас мора да го намалам тонот на стварноста каде што врескаат тифозите на војната, оти Миа Калифа од фотелјата на моите соништа, ме прашува: дали Олимпискиот комитет, ФИФА и други организации ќе ги исфрлат САД и Израел од спортските настани што доаѓаат и зошто не?
Александар Русјаков (Нова Македонија)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата