logo
logo
logo

ТОМАС ВАЈЦ ПОД НАПАД И ПРИТИСОК: Гласањето во АФЕТ по извештајот за земјава одложено за 24 јуни

Vecer | 04.06.2025

ТОМАС ВАЈЦ ПОД НАПАД И ПРИТИСОК: Гласањето во АФЕТ по извештајот за земјава одложено за 24 јуни

На предлог на известувачот Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска го одложи гласањето за усвојување на Извештајот за земјава за 24 јуни.

Во текстот се споменува важноста од зачувување на динамиката и доверливоста на процесот на европска интеграција и се истакнува дека нашата земја продолжува да покажува посветеност кон евроинтеграцијата и усогласување со политиките на ЕУ.

Во документот се наведува дека демократските институции во државата функционираат “задоволително”, но дека политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи.

Се апелира на засилување на напорите за унапредување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и унапредувањето на транспарентноста околу сопственоста на медиумите.

На основниот предложен текст на Извештајот, кој беше објавен на 18 март, беа доставени вкупно 313 измени, од кои повеќето дополнително објаснуваат или надополнуваат одредени делови од текстот, но има и такви кои воведуваат нови содржини или оценки.

Посебно внимание привлекоа измените кои го нагласуваат македонскиот јазик и идентитет.

Вајц и претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер, предлагаат измени за вметнување нова Точка Д-а со идентична содржина: “Со оглед на тоа што ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет”.

Холандскиот европратеник Тајс Ројтен, исто така, предлага додавање на алинеја 19А во Извештајот, која би гласела “Имајќи го предвид постојаното признавање на македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ”.

Ројтен предлага уште една измена и тоа на Членот 2 за негово дополнување со текстот “со целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет”, додека Вајц предлага надополнување на истиот член со зборовите “и целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет”.

Европратениците Ден Барна, Урмас Пает и Петрас Ауштревичиус заеднички предлагаат измена на Членот 2 со кој се бара вметнување на текстот “и притоа целосно признавајќи ги македонскиот идентитет и јазик”.

Хрватските европратеници Карло Реслер и Давор Иво Стиер предлагаат нов Член 2б кој би гласел:

“Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на земјата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјата и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации”.

Томас Вајц и јавно призна дека е изложен на сериозен напад од бугарските европарламентарци

– Не можам да негирам дека бугарските членови на Европскиот парламент се незадоволни со текстот. Тие, исто така, јавно го изразуваат тоа во бугарските медиуми. Одат дотаму што дури и сум лично нападнат дека сум пристрасен. Има дури и случаи каде што се тврди дека сум корумпиран од С. Македонија, што целосно ги отфрлам. Нема никакви плаќања, никакви услуги, ништо. Се обидував, заедно со колегите, да изготвам реалистичен извештај за ситуацијата во која се наоѓаме. Исто така, спомнав инциденти на говор на омраза, злосторства од омраза против различни групи. Ова, за жал, го гледаме и во различни држави. Исто така, интензивно се обидував да ги вклучам бугарските членови на Европскиот парламент и нивните легитимни барања, исто така да се спомене бугарската заедница, изјави австрискиот известувач за Македонија во ЕП

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk