logo
logo
logo

Вечер Анализа

ДАЛИ И СУДИИТЕ СЕ ЖРТВИ НА ОБВИНИТЕЛИТЕ, а не само обвинетите

Vecer | 06.03.2026

ДАЛИ И СУДИИТЕ СЕ ЖРТВИ НА ОБВИНИТЕЛИТЕ, а не само обвинетите

Познато е дека обвинителството и судството се институции со најмала доверба меѓу граѓаните кои, патем, плаќаат даноци за нивните доста високи плати за македонски услови. Пред власта на СДСМ и ДУИ правосудниот систем имал доверба во јавноста од 25 до 45%, а со власта на Заев паднаа на само 2%. Но, дали е исправно да се каже дека обвинителите и судиите имаат подеднаква одговорност за јавната недоверба?!

Осилени од седумте години “одработување “ за СДСМ и ДУИ и поддржувани од партиските “невладини“ организации и медиуми под контрола на СДСМ и ДУИ за притисоци врз судството - обвинителите, а не судот, решаваат дали и каква истрага и обвинение ќе се поднесе пред судот. Судијата решава само во рамка поставена од обвинителот, повеќе не ни може. А најчесто, под притисок и ни смее.

Под притисок од Обвинителството и СЈО, власта на СДСМ и ДУИ и нивната машинерија за притисок од “невладините“ организации и медиуми под контрола на СДСМ многу случаи мораше да завршат со пресуда. Дури 97% од обвиненијата завршија со пресуда за виновни, што е единствен таков пример во Европа каде просечно се пресудува вина за 60-70% од обвиненијата. Кај нас одбраната и фактите од адвокатите се небитни.

По смена на власта, работите полека се менуваат и се приближуваат кон европската пракса. Обвинителите се помалку се и обвинители и судии и јавност и политичари во едно пакување. Судиите не им служат само за формален потпис на пресуда. Затоа, треба да се размисли: Дали е оправдано, барем сега, обвинителите и судиите да имаат иста ниска доверба во јавноста од само 2%, или кај судиите веќе се насетуваат позитивни промени?

Познат е случајот за обвинување на Доктор Жан Митрев и неговата клиника дека со лекувањето на пациенти од Ковид 19 ги “измамиле“ пациентите затоа што, според обвинителството, тоа не била научна метода. Методата во Ковид 19 ја применувале и во Аџибадем Систина, а на располагање била и во државните клиники но, Обвинителството од познати профитни причини од интерес за трето лице го гони – само Жан Митрев.

Обвинителка е Искра Хаџи Василева. Типичен примерок на обвинител со 2% доверба во јавноста. Процесот го води судијката Лидија Петровска.

Еве како изгледа, низ факти, обвинение од обвинителство со 2% доверба.

- Писмените докази обвинителката одбива да ги чита во целост, ги наведува само насловите и, повремено, со пар реченици ги коментира. Сосема спротивно на Законот за кривична постапка кој наложува читање и наведување за која околност е доказот.

- Искази и документација од експертско значење кои се против обвинението се третираат попатно, како споредна работа. А тие се клучот, експертски мислења и научни факти кои имаат сила и тежина како на експертско вештачење.

- Посебна бламажа и очигледна намера, неукост и субјективност се сведоците на Обвинителството. Никој од “измамените“ никогаш немал контакт со “измамникот“ за да се утврди свест и намера за измама, што е основен услов за обвинението. Добар дел од сведоците сведочат за настани во кои не учествувале, сведочат за нанесена штета кон трето лице а не врз нив како баратели на обесштетување... и заедничко им е – сакаме Клиниката и Жан Митрев да ни ги вратат парите за лекување, дури и за лица кои се излекувани токму со “спорната“ метода хемофилтрација. Главно им е – дајте пари.

Посебно експлицитно кршење на Законот е што обвинителката Искра Хаџи Василева на колективна средба со “сведоците“ им објаснила дека се тие “оштетена страна“, им ги сервирала своите гледишта и ги убедувала тие да ги прифатат како свои ставови да се појават пред судот во полза на обвинението бидејќи ако се согласат ќе добијат пари од Клиниката. Финално, работата оди до таму што сведоците пред судот наместо да одговараат на прашања ги читале одговорите напишани по сугестиите – на обвинителката!

Ќе наведеме само три примери, од десетината спорни сведочења досега.

За време на судењето на Жан Митрев сведок на обвинителството се обидел да сведочи читајќи од записникот за негов исказ даден во обвинителството кој што е составен од обвинителот при неговото сослушување, а записникот му го дала обвинителката Искра Хаџи Василева.

На судењето адвокатот Никола Додевски поставува процедурално прашање до судијата и бара да не се дозволи сведокот да користи исказ на начин кој е забранет:

,,Сведокот има напишан исказ пред себе, отчукан на машина. Ве молам да не се дозволи тоа да го има пред себе и да го дава исказот само на прашања. Сведокот го има исказот од обвинителство”, вели адвокатот Додевски.

Судијката се согласува со адвокатот Никола Додевски како одбрана на Жан Митрев, бара сведокот да не ја користи белешката и да дава изјава според сеќавање. На тоа јавната обвинитлка Искра Хаџи Василева реагира и на адвокатот Додевски му вели: ,,Јас сум го дала колега, има право да го има, ја не знам што ви се поентите”.

Тоа што исказот на сведокот му е даден од обвинителот значи дека му е даден за да го подготвува исказот така како што е формулиран од обвинителот. Тоа е всушност и признавање дека процесот е конструиран од обвинителството.

Втор случај, изјавата на Мелита Брезова, “клучниот“ сведок на обвинителство. Таа вели дека персоналот на клиниката Жан Митрев не препорачал ниту одобрил хемофилтрација за сите платени пари.

Сведокот со својата изјава докажува дека доктор Митрев ако сакал да направи измама ќе препорачал и ќе спровел хемофилтрација за сите или за повеќето членови на семејството со што ќе наплател повеќе пари.

Таа признава дека однапред сакале хемофилтрација, дека ги знаеле бенефитите од оваа метода кои ги читале на интернет и дека од 5 членови на семејството кои платиле 10 хемофилтрации само кај сопругот била извршена оваа метода. Докторите сметале дека нема потреба. А тој што сакал да заработи со “измама“ не би ги одбил парите.

На прашање на бранителот на Никола Додевски, сведокот Брезова признава дека семејството покрај вратениот најголем дел од депозитот добило попуст и од над 20 илјади евра при што за некои услуги добиле 50 проценти попуст.

Главниот сведок на обвинителката признава дека веднаш по првата хемофилтрација нејзиниот сопруг бил подобар. Според член на семејството тие верувале во лекарите на клиниката Жан Митрев за подоцна да го тужат кардиохирургот за измама, да бараат пари назад, иако никогаш не го виделе во живо ниту разговарале со него.

Според записи од судењето на кое сега се повторуваат доказите главниот сведок на обвинителството признава дека по првата хемофилтрација на сопругот кој веќе немал Ковид состојбата му се искомплицирала од друга здравствена состојба. Тој подоцна бил опериран од Илеус што нема никаква врска со тужбата за измама против Жан Митрев.

Трет случај, од вчера, откако обвинителството при оценка на Обвинителниот акт приложи записник на македонски јазик од сведок кој изјавува дека не го разбира тој јазик.

Оштетената Имиѓил Шахини, која прашана од судот изјави дека не го разбира македонскиот јазик и бара преведувач за да го даде исказот. Давањето исказ се одвиваше преку овластен судски преведувач од македонски на албански јазик.

Одбраната го посочи дека Записникот за сослушување на овој сведок е составен на македонски јазик и потпишан од сведокот и од обвинителот без преведувач, со износ на побарана “штета“ и наведен во Обвинителниот акт сосема различен од она што оштетената, преку преведувачот, го побара. Различно беше и образложението на сведокот.

По приговорот на одбраната, обвинителот кажа дека износите наведени во обвинителниот акт биле проста математичка операција. Според одбраната, законот не му дозволува на обвинителот да прави математички операции, туку обвинението да го заснова на исказ на оштетен даден на јазик што го познава.

Познавачите на правото наведуваат дека испитување на оштетен кој не го познава јазикот без преведувач претставува груба повреда на законот и Уставот и обвинението не смеело да биде одобрено со таква повреда.

Јавноста веќе беше информирана за сличен скандал на истото судење кога во записникот на обвинителството од сослушуван сопруг на оштетена, тој се потпишал под името на оштетената.

Вака прибавените докази се незаконити и контаминирани, коментираа експертите. Проф. д-р Гордан Калајџиев во врска со ваквите постапки на обвинителството изјави: „Не е законито ниту професионално ЈО да им сугерира на сведоците дека се измамени, односно жртви и оштетени, а уште помалку да сугерира што да изјават пред судот! Тезата на обвинителството треба да произлезе од изјавите на сведоците, а не обратно!

Од обвинителката Искра Хаџи Василева видовме дека Обвинителството и понатаму работи по стариот модел со кој паднаа на 2% доверба во јавноста. Тоа е така и поради фактот што Обвинителството е се уште под контрола на кланот од СЈО.

Но, сега останува да видиме дали, и колку, судиите се ослободени од контролата и притисоците од Обвинителството врз нив. Дали се во истиот клан со СЈО и Хаџи Василева? Дали прифаќаат контрола од клан за кој државен орган, Заводот за ревизија, утврдил дека проневериле милион евра за своја корист а судиите треба да им помогнат кланот да остане клуч во правосудниот систем и да си ги задржи за себе парите од проневерата утврдена од Државниот завод за ревизија?

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk