Демократскиот сојуз бара Собранието по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на канабис за медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели. Повеќе од јасно е дека контролата затаила, поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу наркомафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи наркомафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, соопшти партијата.
Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно, се додава во соопштението.
„Јавно да бидат објавени сопствениците, формални и неформални, на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн. Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен. Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој наркобизнис, кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата“, соопшти ДС.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите, се додава во соопштението.
„Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопшти Демократскиот сојуз.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата