logo
logo
logo

Утре е последен ден од јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори 2025

Vecer | 10.09.2025

Утре е последен ден од јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори 2025

Јавниот увид во податоците од Избирачкиот список за Локалните избори 2025 завршува утре на полноќ, а два дена подоцна на 13 септември на полноќ завршува рокот за доствување на листите за кандидати за градоначалници и за советници. На 29 септември започнува изборната кампања за локалните избори закажани за 19 октомври. Ќе се гласа во 80 општини и Градот Скопје на 3480 избирачки места.

Граѓаните јавниот увид можат да го направат денеска до 20 часот во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, додека утре на 11 септември, последен ден од рокот, службите на Комисијата ќе работат до полноќ.

Граѓаните, барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список што е ставен на јавен увид ги поднесуваат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на подрачјето на живеење, или по електронска пошта до ДИК. Исто така граѓаните тоа може да го направат и на електронската пошта за поднесување на барање за запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список: [email protected]. Со барањето се приложуваат и потребните докази, а обрасците можат да се пронајдат и на веб страната на ДИК (sec.mk).

Увид во Избирачкиот список им се овозможува и на затворениците. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список за време на јавниот увид, лицата во притвор или во затвор го поднесуваат преку органот надлежен за извршување на санкциите до ДИК, од 23 август до 11 септември.

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд решава во рок од 24 часа и одлуката веднаш му ja доставува на тужителот по електронски пат. Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на ДИК.

ДИК го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна на 3 октомври.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk