„По објавувањето на извештајот за работата на СЦ „Борис Трајковски” од страна на Државен завод за ревизија за 2023 година, чувствувам должност да ја информирам јавноста за повеќето од посочените неправилности и пропусти во работата на претходните раководства, напиша на Фејсбук директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски.
„Имено, по моето назначување за управител на СЦ „Борис Трајковски”, повеќето од забелешките кои допрва сега беа утврдени од страна на ДЗР, истите беа увидени од моја страна непосредно при секојдневната работа и согледувањата на приходите и расходите на спортскиот центар. По истите веќе во поголемиот дел е постапено, останатото ќе биде спроведено во текот на тековната година.
Во однос на средствата кои во тој период биле потрошени во спортскиот центар за одржување на ОБСЕ самитот од страна на Министерството за надворешни работи, во неколку наврати од наша страна како правен субјект беше побарана документација како за средствата, така и за поставените материјали и реквизити во спортскиот центар, кои впрочем остануваат во сопственост на центарот, но без одредена документација за потврдување на истото.
По завршување на ревизорскиот извештај, веднаш беше спроведен нов попис на материјалните добра, кој беше завршен во максимален временски период и истиот е финализиран. Исто така, веќе интензивно се работи на изнаоѓање начин за регулирање на платите во друштвото, како и исправање на неправдата којашто вработените ја чувствуваат, поради стагнирањето на висината на платите од 2016 година, освен по основ на покачување на минималната плата во државата.
Во однос на Аква паркот, лично сметам дека истиот не е одржуван, сервисиран и користен согласно прописите и потребите, и токму затоа сега се соочуваме со решавање на сите проблеми поврзани со објектот, сѐ со цел овој проблем да го решиме долгорочно и истиот повеќе да нема прекин во неговата работа, иако зафатот во објектот е од поголеми размери. Ние не бегаме од работа и истиот ќе биде ревитализиран и подготвен за работа веќе за следното лето.
Паркингот е голем извор на финансии на спортскиот центар, но истиот моментално е бесплатен и функционира како и досега. За промените во тој дел, потребна е консултација како со градските и локалните власти, така и со граѓаните и секојдневните корисници.
Воедно, сублимат од сите овие забелешки и неправилности е дека со истите треба да се позанимаваат институциите кои се задолжени за расветлување на одредени сегменти. Стојам на располагање за соработка и целосно расчистување на неправилностите за работењето во центарот во 2023 година.“
Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на СРЦ „Борис Трајковски“ за изминатиот период, укажува дека нема евиденција што добил спортско-рекреативниот центар од тендерите на Министерството за надворешни работи за негово доуредување за прием на делегациите од Состанокот на ОБСЕ што се одржа во Скопје во 2023.
– Во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во периодот од 30 ноември до 1 декември 2023 година, друштвото по препорака на Владата му овозможило на МНР логистичка поддршка и асистенција за адаптација и надворешно уредување на друштвото за потребите на настанот, кое било извршено од страна на МНР. По претходно спроведени постапки за доделување на договори за јавни набавки МНР склучило неколку договори со вкупна вредност од 124.234 илјади денари. Со ревизијата утврдено е дека не се доставени записници од МНР за потврдување на изведените работи и инсталирани добра и ствари кои останале во владение на друштвото. Исто така, не е постапено по одредбите од склучениот договор за соработка помеѓу двете институции, односно изведените работи и инсталирани (вградени) добра и ствари во друштвото, сѐ уште не се ставени во негово владение, објави денес ДЗР.
Од таму имаат и забелешки за работата со затоплувањето на базенот кој функционира во рамки на спортско-рекреативниот центар.
– Дополнително, ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот „соларен систем“ кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен. Друштвото за набавка на „соларниот систем‘‘ има исплатено 25.945 илјади денари, а согласно трговските книги на друштвото, неговата сегашна вредност е 2.856 илјади денари. Системот е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година, но поради утврдени технички недостатоци на соларните панели системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение, нагласено е во соопштението за јавноста.
Ревизијата открива и дека аква-паркот претстанал со работа кога истекол рокот за гаранција на квалитетот на реквизитите.
– Во 2024 година, Аква паркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи, додава ревизорот.
Од ДЗР заклучиле дека има и други пропусти и неусогласености кои се евидентирани и дека надлежните треба да работат на нивно надминување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата