logo
logo
logo

НЕМА КОЈ ДА РАБОТИ, сега за вработување се бара некој и без работно искуство

Vecer | 03.11.2025

НЕМА КОЈ ДА РАБОТИ, сега за вработување се бара некој и без работно искуство

На многу огласи за вработување e наведено дека компаниите бараат работници со или без работно искуство. Недостигот на работна сила е еден од факторите кој придонесе да има поголема флексибилност на пазарот на трудот. Фирмите се отворени на кандидатите без искуство да им дадат шанса да ги совладаат вештините.

Прво, кризата за работници е причината поради која работодавачите даваат шанса на луѓето без искуство, но тие открија и нова димензија во вработувањето, а тоа е самите да си ги креирааат кадрите. Двете опции се отворени, едната е дека навистина нема доволно работници и втората, многу поважна е сами да си ги креираме работниците и да работат онака како што наложуваат потребите на компанијата. Секако, имаме потреба од нов кадар“, вели Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени во Македонија.

Крсте Блажески од ХОТАМ додава дека им даваат шанса на луѓето без искуство, и по извесен пробен период, веќе имаат попрецизна слика дали некој работник може да се адаптира и да биде продуктивен. Во хотелите и рестораните, примаат млади луѓе, но и повозрасни кои се занимавале со други професии, објави Фактор.

Отворени сме за луѓето без искуство, кои сакаат да пробаат и да дадат сѐ од себе за да научат. Им се дава пробен период од еден месец, да се види дали може или не може кандидатот да работи во одредена професија. Тоа постоело отсекогаш, се давало шанса на луѓето кои сакаат да работат, да научат да влезат во професијата и ден денеска останале некои уште си работат. Точно е дека секој нема да научи. Во летен период угостителите земаат студенти. Тоа секаде во светот е така, така се работи во угостителските објекти, но и на луѓе од други струки исто им се дава можност да работат. Сигурно нема веднаш да биде шеф во кујната, ама може да биде помошник и во рок од 5-6 месеци може да прифати и други обврски. Исто е и со келнерите, но битно е да сакаат да работат со луѓе и да не се мрзливи. Се даваат многу шанси. Но, со студентите сме ограничени затоа што тие завршуваат и се спремаат за на факултет. Имаме и наставници, кои преку лето не работат во училиштата и така можат да заработат нешто плус. Чесно си заработуваат. Отсекогаш било динамично на пазарот на трудот, се барало човек плус, но за жал нема голем интерес кај младите да учат било кој занает“, рече Блажески.

Според него, многу работници заминаа од државата пред неколку години, но сега како што вели, одливот е стабилизиран, затоа што за добрите работници и тука има добри плати.

Но, постојат и фирми кои настојувале да обучат луѓе без искуство, но на крајот, недостигот на добри работници довел до тоа да затворат.

Јас пред неколку месеци затворив. Нема иднина, треба да се исплаќаат плати и доведени бевме во ситуација да имаме само добри работници, продуктивни. Едно време примавме работници без искуство, но од оние кои ќе се пријават, од 10 можеби еден ќе биде добар работник. Не може некого да обучуваме и да му исплаќаме плата. Ако тоа го стимулира државата е во ред, ама многу ретко има луѓе што сакаат да учат“, вели штипјанец кој поседувал конфекција.

Деновиве според податоците објавени на сајтот на Агенцијата за вработување, имаше над 10.000 слободни работни места. Фирмите бараат продавачи, слаткари, готвачи, програмери, келнери, општи работници и друго.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk