logo
logo
logo

ОВА, И ДРУГО, ГО ПРОДАВААТ БАНКИТЕ ОД ЗАПЛЕНЕТ ИМОТ. Има ли нешто и за ваши потреби?

Vecer | 23.01.2026

ОВА, И ДРУГО, ГО ПРОДАВААТ БАНКИТЕ ОД ЗАПЛЕНЕТ ИМОТ. Има ли нешто и за ваши потреби?

Разни делови од опрема за фабрики, но и украсни предмети како приврзоци или украси од познатиот бренд „Сваровски“, но и друг тип на рачно изработени сребрени сувенири се на листите на банките за продажба.

Вообичаено меѓу имотот кој домашните комерцијални банки го продаваат, поголемо внимание привлекуваат недвижнините, кои одредени банки ги имаат во поголема залиха, сепак, голем интерес привлекуваат и разните канцелариски материјали, машини, опрема и разни други предмети кои се нудат на продажба од домашните комерцијални банки.

Нивната крајна цел е секако наплата на нефункционалните кредити, или поточно кредити кои корисниците од одредени причини не успеваат да ги вратат.

Забележливо е дека дел од банките имаат повеќе објекти за домување на листите за продажба, додека други банки пак повеќе имаат деловни објекти, или разни машини, опрема за производство...

Една од нашите домашни банки, веќе извесен период нуди на продажба голема колекција на Сваровски кристали. Во неа се вклучени разни украси како велигденски јајца, цветови, разни форми на животни, цвеќиња, коцки, птици...

Колекцијата брои над 40 предмети и нивните цени се разликуваат значително. Има такви кои се продаваат по цена од десет евра, но поголемиот дел се продаваат по цена од 50 евра, а има и сувенири кои чинат над 100 евра по парче. Еден од најскапите производи од оваа колекција е Буф џиновски кој се продава за 912 евра.

Во објаснувањето за продажбата на овие предмети е посочено дека може да се купуваат и поединечно.

Истата банка продава и помала колекција на рачни часовници од брендовите „GUESS“ и „NAUTICA“.

Сите производи од колекцијата „Сваровски“, како и часовниците може да ги видите на следнов линк.

Уште една банка нуди на продажба разни сувенири, и тоа како што е посочено станува збор за рачнo изработени сребрени сувенири и накит, чија цена достигнува 1.700.000 денари.

Една од поголеми комерцијални банки пак продава комплет комора за фарбање со пумпа и компресор од 300 литри. Исто така во нејзината листа е и опрема за преработка на млеко, што опфаќа дупликатори, работна маса, неколку видови кади за сирење, умивалник, сепаратор... Овој имот се продава како целина, и цената која е објавена на листата е 744.212 денари. А деталите за нивните понуди може да ги прочитате овде.

Меѓу предметите кои се продаваат е и опрема во село Мажучиште во Прилеп, која чини 23.757.451 денари.

Може да се забележи дека во понудата на банките има голем избор на недвижни објекти, во некои од банките доминираат деловни објекти, но има и такви каде се продаваат голем број приватни имоти.

Банките се одлучуваат да стават имоти на продажба само како крајно решение. Најчесто тоа е резултат на неможноста на сопствениците навреме да ги вратат земените кредити во банката, кои потоа се одземени поради ненаплатени кредити и сега се нудат на продажба.

Недвижностите кои се продаваат од страна на банките во нашата земја според упатените не спаѓаат во имот кој лесно се продава. Се случува дел од објектите да чекаат години додека да добијат нови газди, па имотите стојат на списоците на банките подолг период.

За оние кои сакаат да купат имот или деловен објект по пониска цена, ќе мора да се потрудат во пребарувањето. Секоја банка на својата веб страна има список или листа од недвижнини кои ги продава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk