logo
logo
logo

Случај Сашко Јанчев од Левица: САМО ВО ОВОЈ СЛУЧАЈ МОЖЕ ПРАТЕНИК ДА ЗАГУБИ ИМУНИТЕТ

Vecer | 14.12.2025

Случај Сашко Јанчев од Левица: САМО ВО ОВОЈ СЛУЧАЈ МОЖЕ ПРАТЕНИК ДА ЗАГУБИ ИМУНИТЕТ

Согласно Уставот и Деловникот на Собранието, постапка поврзана со евентуално одземање имунитет на пратеник може да биде иницирана исклучиво врз основа на официјално барање поднесено од надлежен државен орган и тоа во случаи кога се бара поведување кривична постапка, определување мерка притвор или извршување казна затвор кон пратеник.

Собранието не поведува вакви постапки по сопствена иницијатива, ниту пак може да ги иницира врз основа на барања од поединци, организации или медиуми.

Ова го соопшти денеска Собранието на Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши во врска со новинарските прашања упатени до Собранието- дали ќе се преземат какви било мерки кон пратеникот Сашко Јанчев во однос на неговиот пратенички имунитет.

-Претседателот на Собранието, Африм Гаши го проследи доставеното барање до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и до пратеникот Сашко Јанчев, во согласност со начелата на транспарентност и целосно информирање. Доколку од надлежните органи биде доставено официјално барање за постапување, Собранието ќе постапи во рамките на утврдените уставни и деловнички обврски – наведува Кабинетот на претседателот на Собранието.

На 14 септември 2025 година, во село Марино, општина Илинден, се случи сообраќајна несреќа во која учествуваше пратеникот Сашко Јанчев од Левица, управувајќи возило „Хјундаи Тусон“.

Во несреќата беа повредени 16-годишниот малолетник (М.Д.), возач на мопед и 13-годишната сопатничка (А.Т.). М.Д., почина на 9 октомври од здобиените повреди. Родителите на тешко повредената 13-годишна А.Т. испратија писмо до претседателот на Собранието, Африм Гаши, барајќи да почне постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Сашко Јанчев.

По несреќата, на пратеникот Јанчев му беа одземени пасошот и возачката дозвола како мерки на претпазливост. Од партијата Левица изјавија дека Јанчев не бил под дејство на алкохол и дека мопедот бил нерегистриран, неисправен и управуван од малолетник без дозвола и кацига, кој се забил во неговото возило.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk