logo
logo
logo

Д.П. Латас

Мистерија Артан Груби. На која дрога си ти?!

Vecer | 24.02.2026

Мистерија Артан Груби. На која дрога си ти?!

Навидум неочекувано, а ќе видиме дека е сосема логично, Артан Груби од Косово влезе во Македонија на граничниот премин Блаце каде полицијата му стави лисици и го однесе во суд да му се определат понатамошни мерки.

И, тука работата на полицијата е завршена. Открија проневера во Лотарија, вршеа претреси, собраа документација, дадоа кривична пријава до Обвинителството за проневера на 8 милиони евра. Точка. Извршната власт, владата, од која полицијата е дел ја заврши својата работа, на крајот избеганиот да го приведе и достави на судот.

Дали Артан Груби дошол доброволно, или зад тоа постои некој договор? е прашање што ја мачи јавноста и еден куп варијанти и шпекулации за подигање магла.

Основна грешка на секој новинар, политичар, полицаец, обвинител, судија... граѓанин... е кога донесува заклучок без да се осврне, да анализира контекст како каузален однос, однос помеѓу причините и последиците пред да донесе заклучок.

Околности:

Една од првите акции на полицијата од оваа влада, уште веднаш по изборите во 2024-та година, е акција за проневера во Државна Лотарија по што полицијата поднесе кривична пријава против директорот на Лотарија Прпарим Бајрами и поранешниот вицепремиер Артан Груби како и четири други лица. На 16-ти декември Обвинителството објави дека се трага по шест осомничени лица за овој криминал.

Прпарим Бајрами, директорот, и Артан Груби избегаа. Груби се јави дека е “приватно во посета на пријатели на Косово“. Логично, избега во Косово, сива зона за бегство на балканските криминалци во која ни Интерпол не делува, а каде избегаа десетици убијци, дилери... гонети во Македонија и дел од нив се таму и ден денес.

Според јавно достапните информации Артан Груби шетал низ Косово и Албанија овие година и пол. Безбеден и заштитен од тамошните власти. Но, во Албанија последниве месеци беснеат насилни демонстрации, се палат јавни објекти и возила, владата е нестабилна. Владата на Еди Рама се ниша. И да опстане, тензиите се на ниво црвено. Од Вашингтон нема поддршка, тој е главниот миленик на Сорос на Балканов, корисник на неговите десетици милиони долари и координатор на акциите во Македонија и Србија. Бадијала Рама се труди, со неговите Адидас тренерски и соросоидна биографија не би поминал кај Трамп ни до скалите во Белата куќа.

Накусо, Албанија е небезбедна локација за Артан Груби и тој самиот е терет за Еди Рама бидејќи Артан Груби е на црната листа на САД – за корупција.

Останува Косово. Косово е под германски протекторат, американците ја губат контролата над власта на Албин Курти кој едвај се одржува во фотељата а, по најавата дека американската база Бондстил на Косово е во плановите на Трамп за гаснење и повлекување на војската ситуацијата на Косово е драматична и блиску до војна што го потврдија и Ричард Гренел и Трамп со изјавата дека “спречил војна“ на Косово.

И, за да бидат работите појасни, за “заштита“ на македонските криминалци на Косово треба на властите да им се плати. Со многу пари. Или, ако нема пари, да се вршат валкани работи за потреби на власта од убиства до дилање дрога и се што ќе треба.

Последната шанса за Артан Груби беше да се случи смена на власта, враќање на СДСМ и ДУИ на власт, или барем коалиција на ВМРО ДПМНЕ со ДУИ. Но, спротивно на шпекулациите за тоа кои ги ширеа СДСМ и ДУИ меѓу своите за да ги одржуваат во кондиција, тоа не се случи. Артан Груби остана на чистина – или и понатаму да плаќа “заштита“ од косовската власт, или да се предаде и преку инсталациите на ДУИ и СДСМ во обвинителството и судството да обезбеди безболен процес и добра пресуда.

Процес:

Во општава калакурница од спинови, дезинформации, шпекулации... да ја расчистиме маглата и да ги изнесеме голите факти на виделина.

Артан Груби не е обвинет! Не, тој е само осомничен во моментов. Второ, за Артан Груби како лице во бегство на 17 декември 2024-та година е издадена потерница и изречена судска мерка 30 дена притвор! И таа мерка е во сила во моментот на неговото приведување деновиве на граничниот премин Блаце.

Во ДУИ, СДСМ и Обвинителството имале друг план за спас на Артан Груби. Планот го спроведувал тогашниот шеф на скопско обвинителство Гаврил Бубевски. Еве како.

Шефот Гаврил Бубевски (од бившо СЈО) предметот за Артан Груби отпрвин го дава Ирина Спасовска, млада обвинителка и ќерка на Лиле Спасовска од Вишо Обвинителство, и таа го започнува. Но, двајца обвинители од Вишо приговараат дека Ирина Спасовска нема неопходен стаж од најмалку година дена за да води ваков вид предмети, дека гледаат намера свесно да се подрие предметот и да падне потоа обвинението поради таа причина, па потоа Бубевски предметот му го дава на Даниел Коцев, и тој со само пар години искуство во обвинителството.

Кога Артан Груби се враќа се случува пресврт во Обвинителството. Иако претходно веќе има изречена судска мерка за 30 дена притвор против него сега Обвинителството предложило куќен притвор и одземање на пасош дека “постојат индиции оти во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност“.

Директорот на затворот во Шутка кој е единствен компетентен и одговорен за безбедноста во затворот, Бобан Утковски, изјави дека безбедноста во установата е загарантирана и нема опасност за Груби. Само тој, и ниту една друга државна институција нема ингеренции и одговорност за проценка на безбедноста.

Дали обвинителот и неговиот скопски шеф реферирале пред сегашната В.Д државна обвинителка Анита Топалова Исајловска за ставот по ова прашање. Зошто Топалова Исајловска ја нема во јавноста за овој скандал со сменет став на Обвинителството и барање куќен притвор, како што ја немаше и за одбивање на пријавата против десетте обвинители од СЈО која е донесена во септември лани, но објавена дури сега!.

А кој е обвинителот кој сега побарал само домашен притвор за бегалецот Артан Груби за кој, патем, веќе е изречена мерка 30 дена притвор во 2024 година?

Обвинителот е Даниел Коцев, син на поранешен полициски функционер, се покажал како добар потенцијал во Академијата за судии и обвинители во 6-тата генерација и од 2019 е обвинител. “Дете“ во триесеттите години со едвај 5-6 години стаж во обвинителството кој веќе се прослави за специјални задачи за ДУИ и СДСМ и нивните клиенти под директно менторство на Гаврил Бубевски од првиот ден.

Не така одамна, памтиме, дека Мевљудин Алити изгради цел објект, кафетерија Фонтана, пред трговскиот центар Мавровка. Објектот беше дивоградба и во 2021 се случи судска постапка. Обвинител беше Даниел Коцев, а казната за дивоградбата е условна и трошоци за постапката – 3.000 денари, или 50 евра! Обвинителот Даниел Коцев не се жалел на пресудата! Фонтана и ден денес е на тоа мести и работи.

Пак Даниел Коцев обвинител во случајот прегазено дете од десет години на Пластичарска. Обвинетиот Шукри Зеќири со возило марка Мерцедес Е-320 на улица Пластичарска во Скопје го усмрти 10-годишниот Мануел Асановски и побегна од местото на несреќата. Обвинителот Даниел Коцев во завршните зборови бара “судот да ги почитува олеснителните околности на обвинетиот...“. Епилог: Во ноември 2023-та пресуда за Зеќири од само две години и три месеци. Следа протести на Ромите но, работата беше веќе завршена, Зеќири е денес слободен човек.

Дали судиите можеле поинаку во овие два процеси на обвинителот Даниел Коцев. Не! Пресуда може да се изрече само во рамките на обвинението. Во првиот случај, дивоградбата на Мевљудин Алити не ни имало процес, признал дело без процес. Во вториот описот на делото е со куп недоречени докази и олеснителни околности за Зеќири што ги врзува рацете на судијата, не може да суди надвор од обвинение.

Даниел Коцев е сега еден од обвинителите за пожарот во дискотеката во Кочани.

Се понатаму е познато. Како што е познато дека Даниел Коцев со случајот на Артан Груби, и се претходно, ја завршил кариерата како обвинител. Зад него стојат низа црни точки и вредносен суд на “обвинител по нарачка за случаи од интерес“. Преголемите амбиции го ставија во служба на Гаврил Бубевски, а преку него на СДСМ и ДУИ. Со време нека отвара адвокатска канцеларија, во спротивно го чекаат немирни денови.

Дали власта, ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН договарале враќање на Артан Груби?

Ајде да го видиме и тоа. За да се договара мора да има некој потенцијален интерес за нив, но и за Артан Груби. Да има баланс на интереси.

ДУИ е во распад, планираниот наследник на Али Ахмети, Бујар Османи, загуби во Чаир и стави точка на својата кариера во политиката. Кој би можел да биде следен наследник? Артан Груби? Не. Со криминалното досие и статус на црна листа на САД нема шанси за тоа. Груби е поврзан и со подземјето, има и долгови и побарувања со нив. Тоа е теренот на кој би можел да се движи, но во политиката – не. Значи, Али Ахмети е на раат уште некое време, Груби не му е лична закана за тронот.

Затоа, инсталациите на ДУИ во обвинителството и судството имаат интерес да му помогнат да си ја стабилизира функцијата.

Артан Груби има премногу сознанија за да го остават слободно да одлучува кога и како ќе го нападне Али Ахмети и партијата ако не му се помогне со “фер пресуда“. Со тоа Артан Груби му е должник на Али Ахмети и како таков далеку од неговата фотеља.

Артан Груби одбира да се врати и биде “покриен“ од Обвинителството во последен момент, пред избор на нов државен (јавен) обвинител кој може да мисли поинаку.

Има ли ВМРО ДПМНЕ моќ и причина да му помага на Али Ахмети и Артан Груби? Причина нема, дефинитивно нема нови избори и нема влез на ДУИ на власт наредниве години. Значи, политички интерес нема. Напротив, на ВМРО ДПМНЕ му одговара Артан Груби да има конфликт со Зоран Заев и Али Ахмети и да “пропее“ јавно за нив.

Има ли моќ ВМРО ДПМЕН врз обвинителството и судството, особено врз обвинителството? Не, ама баш никаква моќ. Напротив, и ден денес е жртва на нивната врзаност со СДСМ и ДУИ. Одбивањето на нивната кривична пријава против обвинителите на СЈО е најголем доказ. Освен тој, и одбивањето да се даде поддршка за кандидатурата на поранешниот судијка Владимир Панчевски кого Мицкоски единствен го спомна како “можен иден државен обвинител“ става точка на прашањето. Не, Обвинителството е на подолг рок заробено од Заев и Али Ахмети.

Па, има ли мистерија во случајот Артан Груби? Нема, се е јасно ако се имаат информациите, ако се знаат процесите, фактите и карактерите на актерите.

Ама СДСМ тврди дека Мицкоски и Груби се договориле тој да се врати, без да објаснат зошто би било така. И без да објаснат на која дрога се додека тоа го зборуваат.

Драган П. Латас (24.02.2026)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk