Широко е позната корупцијата во јавното здравство, особено во повисоките нивоа кај специјалистите или раководителите на институциите кои решаваат кој и како ќе биде примен во болница, кога ќе биде опериран, грижата за него додека е во болницата...
Општо е познато, исто така, дека и тешко болните или скоро оперираните се задржуваат во болица само неколку дена доколку немаат “врска“ да обезбедат болниот да биде под здравствена контрола на лекарите се до завршување на критичниот период за него.
Пристапот до врвните прегледи како магнетна резонанца или компјутерска томографија се чека со месеци - доколку немате “врска“ да биде извршена не време, пред да се создаде дополнителна компликација. А “врската“, ако не е роднинаска, тогаш е обезбедена финансиски, со корупција.

Никој досега во министерството за здравство не најде време за оваа тема. Се наоѓа време да се занимава со пушачите на терасите но, се нема време да изврши анкетирање и анализа за корупција во јавното здравство. За анализа на случаи кои неоправдано чекаат со месеци во споредба со слични и идентични кои услугите ги добиваат брзо - зошто се тие разлики и има ли во разликите за третман сомневања во корупција?
Колку и зошто починуваат пациенти од сепса, тешки инфекции, во јавното здравство, особено по извршените операции без оглед дали сепсата настапила додека се во болница, или непосредно по (предвременото) отпуштање на пациентот дома?
Како функционира службата за Брза помош и каква е исправноста на уредите за тешко болни како респираторите, на пример, кои се честа можност за пренос на опасни бактерии доколку нема строго придржување до нивната стерилна способност и капацитет?
Министерот за здравство има обврска да ја знае оваа состојба, а сознанијата да се темелат на професионални и детални анализи и податоци.
Да, корупција има но, никој не се осмелува да ја пријавува. Луѓето се плашат од последици за себе или блиските кои се болни и кои мораат повторно да обраќаат до некој лекар. Пријавителот е незаштитен, и би се соочил со познатата “лекарска солидарност“. Најпосле, колку лекари се осудени за корупција последниве десет или дваесет години?
Корупцијата е можна само во јавното здравство каде што “лекарската солидарност“ и соработка го крие процесот. Во приватните клиники има сопственик кој одлучува сам и не е подготвен да го ризикува угледот и капиталот на својата клиника со замижување за корупција на некој лекар вработен во приватна клиника.
Како корупцијата во јавното здрвство се препознава во светот

Корупцијата во јавното медицинско здравство вклучува неетички практики како што се поткуп, измама во набавките и кражба, што во светот за таа корупција се даваат 455 милијарди долари годишно и предизвикува над 140.000 смртни случаи кај децата.
Таа го поткопува здравствените системи, го намалува пристапот до здравствена заштита и цвета поради ниска транспарентност и слаб надзор. Вообичаени форми вклучуваат поткуп при набавка на медицинска опрема и злоупотреба на средства.
Вообичаени форми на корупција во здравството:
Измама во набавките: Местење на понуди за медицинска опрема или изградба на болници.
Неформални плаќања: Пациенти кои го поткупуваат персоналот за здравствена заштита или персоналот бара плаќања за услуги кои треба да бидат бесплатни.
Кражба и истекување на лекови: Пренасочување на лекови и потрошен материјал од јавниот сектор во приватна препродажба.
Отсуство од работа: Здравствени професионалци добиваат плата додека не се појавуваат на работа, честопати за да работат во приватни ординации.
Манипулација со податоци: Фалсификување на медицински картони, истражувања или финансиски податоци.
Влијание на корупцијата:
Губење на живот: Влијае на квалитетот на грижата и директно придонесува за смртноста, вклучувајќи приближно 1,6% од годишните смртни случаи кај деца под 5 години.
Финансиски отпад: Приближно 6% од вкупните глобални трошоци за здравство се губат годишно поради корупција.
Намален пристап/Нееднаквост: Ги спречува ранливите популации да ги добијат потребните третмани.
Причини и фактори што придонесуваат:
Слабо управување: Недостаток на транспарентност и несоодветен надзор. Немање систем за утврдување и примена на одговност за сомнителни случаи.
Ниски плати: Вработените во јавниот сектор може да се вклучат во корупција за да ги надополнат ниските приходи.
Недостаток на ресурси: Акутниот недостиг на залихи може да поттикне поткуп за да се обезбеди пристап
Што велат анкетите

Корупцијата во здравствениот систем станува сè почеста и нормализирана појава, а пациентите ретко ја препознаваат и уште поретко ја пријавуваат.
Ова го покажува најновото истражување за искуствата, перцепциите и ставовите на граѓаните за коруптивните практики во здравството, спроведено од Здружението ЕСЕ – граѓанска организација која работи на подобрување на имплементацијата на социјалните и економски права на ранливите групи на граѓани преку нивно зајакнување, мобилизирање и вклучување во планирањето, спроведувањето и во оценувањето на јавните политики и услуги во Македонија.
Иако мнозинството граѓани ја сметаат корупцијата за сериозен проблем, мал дел од нив признаваат дека директно се соочиле со неа.
Според анкетата, речиси 90 проценти од испитаниците изјавиле дека не им била побарана корупција, а 94 проценти дека не понудиле поткуп во последните 12 месеци.
Сепак, при директни контакти и прашања фокус групите покажуваат поинаква слика – многу од испитаниците посочиле дека лично се соочиле со корупција или имаат блиски кои имале такво искуство. Загрижувачки е што ниту еден од оние на кои им била побарана корупција не го пријавил случајот.
– Здравството е сектор со најголема разлика помеѓу доживеаната и пријавената корупција. Граѓаните не пријавуваат најчесто поради страв од последици, губење пристап до услуги или одмазда – вели Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ.
Најчеста форма на корупција е давање пари или подароци, што учествува во дури 83 проценти од случаите. Потоа следуваат упатувања во приватни здравствени установи или препораки за купување одредени лекови.

Особено ранливи се пациентите кои имаат потреба од итни здравствени услуги.
– Во најнеповолна положба се пациентите кои бараат брзи термини, дијагностика или операција. Често услугите не се обезбедуваат навреме сè додека не се плати поткуп – изјави Борјан Павловски од ЕСЕ.
Истражувањето покажува и дека жените се поизложени на корупција. Дури 25,3 проценти од испитаничките изјавиле дека имале коруптивно искуство при користење гинеколошко-акушерска здравствена заштита.
Дополнителен проблем е што дел од граѓаните не ја препознаваат корупцијата, туку ја сметаат за „знак на благодарност“, давајќи подароци по завршена услуга.
Корупцијата, според анализата, ја намалува довербата во здравствениот систем, ја нарушува неговата ефикасност и создава нееднаквост во пристапот до услуги.
Главна препорака е воспоставување безбедни и доверливи канали за пријавување, како и јавни кампањи што ќе ги охрабрат граѓаните да пријавуваат наместо да учествуваат во вакви практики.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата