Македонија влегува во нова ера на санкции во сообраќајот. Пратениците кон средината на декември ги изгласаа клучните закони што треба да му дадат целосна функционалност на системот „Безбеден град“, кој од 1 февруари треба да почне да работи во целост. Новите правила предвидуваат многу построги санкции за опасно возење, систем на негативни поени, автоматска дигитална комуникација со возачите и засилени обврски за сопствениците на возила и автошколите.
За сите сообраќајни прекршоци снимени со камери, возачите ќе добиваат СМС порака и имејл со записник и фотографија од прекршокот. Казната ќе може да се намали за половина ако биде платена во рок од осум дена. Освен тоа, секој сопственик на возило мора во рок од три дена да пријави промена на телефон и имејл во станица за технички преглед.
Во спротивно, следува глоба од 100 евра, а санкции се предвидени и за фирмите.
Од 1. февруари, доколку возач во рок од четири години трипати добие правосилна забрана за управување со возило од иста категорија, судот задолжително ќе ја одземе возачката дозвола.
Лицето нема да може повторно да полага најмалку една година. Одлуката ќе биде евидентирана и на граничните премини. Истото важи и за странци со странска дозвола на територијата на земјава тие нема да смеат да возат.
Предложените измени носат многу построги правила
• за возење под дејство на дрога
• за алкохол над 1,5 промили
• за возење во спротивна насока
• за значително пречекорување на брзината
• за претекнување на непрегледно место
следува затворска казна од 3 месеци до 3 години и парична казна.
Судот, при тешки дела и повторени прекршоци, ќе може да го одземе и возилото, доколку сторителот претходно веќе бил осудуван за сообраќајни кривични дела.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата