logo
logo
logo

Изменет Законот за електронски комуникации

Vecer | 30.12.2025

Изменет Законот за електронски комуникации

Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации, со што се прави дополнителен исчекор во спроведувањето на Реформската агенда и во целосното усогласување на националната регулаторна рамка со правото на Европската Унија во областа на електронските комуникации, соопшти Министерството за дигитална трансформација (МДТ).

Европската Унија, се додава во соопштението, преку визијата за „Дигиталната декада 2030“, постави цели за целосно дигитално поврзано општество, вклучително гигабитна инфраструктура и 5Г покриеност за сите населени места. За земјите во процес на пристапување, меѓу кои и Македонија, ова бара континуирано регулаторно усогласување и создавање услови за значајни инвестиции во мрежи со многу висок капацитет.

Со овие измени се врши допрецизирање на одредби од законот, согласно укажувањата и коментарите добиени во процесот на усогласување, а со цел да се надминат идентификуваните „хармонизациски празнини“ и да се обезбеди постабилна, попредвидлива и европски компатибилна рамка за развој на секторот, информира МДТ.

Како клучни придобивки за граѓаните и стопанството од министерството ги наведуваат:

– Побрза и поефикасна изградба на дигитална инфраструктура, преку рационализирање и дигитализација на административните постапки поврзани со распоредување мрежи;

– Услови за поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи, оптичка инфраструктура, 5Г и нови технологии;

– Поголема конкуренција на пазарот и поквалитетни услуги за граѓаните и компаниите;

– Мерки што го поттикнуваат споделувањето на постојната физичка инфраструктура, координацијата на градежни работи и намалување на трошоците при изградба на мрежи;

– Подобрување на заштитата на корисниците и современи регулаторни практики во согласност со европските директиви и регулативи.

Ова е предуслов за понатамошен развој на е-услугите и за зајакнување на дигиталната економија и рамномерниот регионален развој, преку еднакви можности за квалитетна поврзаност во сите региони. Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со реформите во секторот, во тесна координација со надлежните институции и засегнатите страни, со цел Македонија да гради стабилен, конкурентен и современ дигитален екосистем согласно европските стандарди, се додава во соопштението.

– Електронските комуникации се темелот на современата дигитална држава. Со овие измени обезбедуваме јасни правила, поголема правна сигурност и целосно усогласување со европското право. Тоа значи побрза изградба на инфраструктура, поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи и 5Г, повеќе конкуренција и подобри услуги за граѓаните и стопанството. Дигиталната инфраструктура не треба да биде предмет на дневна политика, туку заедничка обврска кон иднината на Македонија – порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk