logo
logo
logo

Микоски

Ова се одговрите за судската и обвинителска алчност, за смената на Коцевски и патот до ЕУ преку Бугарија

Vecer | 18.11.2025

Ова се одговрите за судската и обвинителска алчност, за смената на Коцевски и патот до ЕУ преку Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски во „Топ тема“ на Телма телевизија говорејќи на тема судство и обвинителство истакна дека судиите во земјава бараат судски буџет далеку над европскиот просек, дури 75% повеќе, но кои резултати ги покажаа судиите за да го добиваат тој буџет, и затоа не гледа причина за зголемување на таа сума.

Ако зборуваме за буџетот една анализа да презентирам за македонските граѓани. Ова е европски извештај. 

Буџетот кој ние како држава го издвојуваме за правосудството е 0,39% од нашиот бруто домашен производ. За да знаат граѓаните соседна Грција издвојува 0,26%, Франција издвојува 0,2%, да одиме чекор понатаму, Германија издвојува 0,3%, а европскиот просек е 0,31% од бруто домашниот производ, а медијаната е 0,28%. Ние издвојуваме повеќе и од медијаната и од европскиот просек или во бројки, повеќе од 75% од земјите членки на ЕУ“, посочи премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дури и земјите кои се стремат кон ЕУ издвојуваат помал буџет од Македонија, односно Албанија 0,295%, Молдавија 0,35%, Грузија 0,23% од сите имаме повеќе.

Законот вели до 0,8%, Во новите измени на законот бараат минимум 0,8% и минимум 0,5% за обвинителството или вкупно 1,3%, што нема теоретски шанси, затоа што би било три пати повеќе од земјата што издвојува најмногу за правосудството во Европа. Судија почеток според европскиот извештај, годишно заработува 19.170 евра бруто плата, за Словенија од истиот извештај судија почетник заработува 34.101 евро бруто плата или некаде околу 80% повеќе, притоа бруто домашниот производ за Македонија е некаде 6,5 илјади евра, а за Словенија е 28 илјади евра. Или математички судија почетник во Словенија има 80% поголема бруто плата од судија почетник во Македонија, при три и пол пати поголем БДП од тој кој го имаме ние. Каква е пропорцијата тука“, вели премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи за јавноста да знае прецизно од еден суд во Македонија платите, претседателот на тој суд има плата околу 180.000 денари, околу 3.000 евра, неговата плата како премиер е 155.000 денари.

... Ова кажува дека буџетот кој владата го издвојува за правосудниот систем е повисок од 75% земји членки на Европската Унија, јас не гледам потреба за зголемување на таа сума, а што се однесува до делот одобрување на планот за вработување и унапредување, немам проблем, владата не се меша во судството, но владата е одговорна за трошењето на секој денар народни пари, а кога тие пари ги троши некој орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа“, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски се осврна на работата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, потенцирајќи дека ниту тој лично ниту јавноста не е задоволна од неговата работа и логичен слет на настани би било негова смена.

Кога разговараме и кога ви велам дека не сум задоволен лично јас, но и јавноста од работата на јавниот обвинител, тогаш логичен след на настани после така јавно искажан збор е негова смена, многу јасно“, потенцираше Мицкоски.

Тој исто така додаде дека граѓаните акламативно мислат дека Коцевски не си ја врши својата работа доволно добро, а буџетот кој го добиваат е поголем од 75% од земјите на ЕУ.

Најголемиот дел од граѓаните, огромен дел, би рекол акламативно мислат дека не си ја врши својата работа доволно добро и ако е политичката цена да ја платам и да бидам повторно дел од извештај во којшто ќе бидам критикуван, а притоа буџетот којшто го добиваат е очигледно поголем од 75% од земјите членки на ЕУ, нивни колеги, тогаш мислам дека некој треба да си го стави прстот на чело и да размисли што прави“, додаде Мицкоски во разговорот на „Топ тема“.

Премиерот рече и дека Владата не се меша во судството, но е одговорна за трошењето на секој денар народни пари. И кога тие народни пари ги троши некоја институција или орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа.

Они велат за нас не се грижете, ние само ќе се грижиме а вас само ќе ве информираме. Ние велиме во ред, еве тоа ќе го прифатиме и ќе биде дел од законите.

Но, не ја гледам потребата од зголемување на буџетот во услови кога и самиот Извештај дојден од Советот на Европа констатира дека буџетот кој што ние го издвојуваме е повисок како процент од БДП од 75 проценти од земјите членки од ЕУ. И сакам да поентирам, ние во минатото имавме експерименти кога обвинители земаа и по десет пати поголеми плати од тоа кое што земаа нивните колеги во СЈО, па знаете како завршија со Луј Витон торбички, со хонорари исплатени кои се бројат во десетици, би рекол стотици илјади евра, а правдата гледаме како заврши“, вели Мицкоски.

Во однос на тоа што има направено Владата во борба против криминалот и корупцијата, Мицкоски рече дека за разлика од претходно сега се отвораат истраги и се спроведуваат кривични пријави до правосудните органи.

Еден врховен судија е фатен на дело како зема мито. Во тој случај заедно е замешан поранешен висок функционер во Обвинителството и во тој момент член на Советот на јавни обвинители, нешто што да речеме во минатото беше невозможно. За многу случаи од минатата влада се поднесоа кривични пријави, се почнаа истраги, дел од нив се во бегство, дел се тука, отпочнати се судски процеси. Имаме еден директно кој што беше директор во здравствен установа која што беше фатен со мито и беше приведен. Имаме директор кој што е дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ кој што исто така беше фатен со мито и сега е во притвор итн.“, посочи премиерот.

Премиерот Мицкоски нагласи дека обвинителите и судиите не ја искористија шансата да спроведат правда, потенцирајќи дека на сите анкети направени судството и обвинителството имаат најмала доверба од страна на граѓаните.

Ние од прв ден рековме дека нема да влеземе и да правиме естрада, рековме дека ќе се бориме против криминалот и корупцијата, така и се однесуваме рековме дека ќе дадеме шанса, но не ја искористија таа шанса. Дали има некој во државата граѓанин што мисли дека овие членови во судскиот совет и обвинители се кредибилни личности во борба против криминалот и корупцијата? Јас не мислам и тоа го покажуваат бројките. На било кој анкета направена ќе видете дека граѓаните најмала доверба имаат во обвинителите и судиите“, дециден е Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот за добивање гаранции на патот на земјава кон ЕУ, со цел да нема нови условувања од страна на Бугарија. Вели дека оваа ситуација е наследена од претходната влада и според него, катастрофално водените политики не можат преку ноќ да се исправат.

Кога некогаш на меѓународна сцена се прават исклучоци, тогаш тие можат да испровоцираат поголеми катастрофи кои потоа ќе се повикуваат на тие исклучоци. Во случајот со нас и нашиот пат кон ЕУ, такви исклучоци и преседани се направени многу. Еден од тие преседани е и овој, и ако навистина сите ние мислиме дека ова е последно, и дека повеќе нема да има билатерални спорови, и дека повеќе нема да има билатерални прашања и дека нема да имаме владеење на право кое ќе биде различно за едни, а различно за други, тогаш тоа што ние го бараме како Влада – почитување на правата на македонската заедница кај нашиот источен сосед и гаранции да речеме во форма на заклучок од Европскиот совет, навистина дека нема никој против македонскиот идентитет, македонскиот јазик, дека нема да има повеќе вето поради билатерални прашања претставува нешто што е темелна вредност, ние не бараме нешто што е повеќе од тоа или помалку од тоа – рече Мицкоски во „Топ тема“ на ТВ Телма.

Според него, доколку не го добиеме тоа, „значи дека некој има скриени намери и на некому не можеме да му веруваме“.

И можеме многу лесно да очекуваме дека и покрај направени, условно кажано, уставни измени понатаму во процесот на преговори повторно ќе се појави некоја недоумица некое прашање или нејасна работа која ќе треба повторно да ја дообјаснуваме со ново вето, со нови пречки. Затоа вака да ги поставиме работите, кои во рамки на оваа ситуација која ја имаме наследено од претходната влада после целосна капитулација, мислиме дека тоа е нешто кое претставува темелна вредност која ја заслужуваме како народ после се она што сме направиле за тие евроинтеграции – рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека не се само уставните измени, туку и предлози надвор од Копенхагенските критеруми

Нагласи дека секој политичар кој ја добил довербата од граѓаните и има можност да биде државник мора однапред да определи неколку чекори.

Мора да гледаме неколку чекори однапред и да направиме стратегија која на нас ќе ни отвори пат. Не можеме за година и половина да направиме нешто што некој со децении го распродавал. Направени се катастрофални грешки и ние имаме работа со многу поброен и многу помоќен противник. И ако мислите на инстант резултати, тоа нема да се случи, ниту пак сме ветиле такви резултати. Ние само сакаме да водиме политика која нема да биде срамна, но ќе биде тешка. И ние тоа сме го ветиле – посочи премиерот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk