Резултатите од првиот круг покажаа која е волјата на граѓаните, а јас имам освоено повеќе гласови од сите мои противкандидати кои се од, условно речено, македонскиот политички блок, вели кандидатот за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
– Благодарен сум на поддршката од партнерите во власта, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, но уште повеќе сум благодарен на поддршката од граѓаните со кои се покажа евидентно нивната желба Куманово да продолжи по зацртаниот пат – рече Димитриевски на дебата на Телма.
Тој истакна дека испратил возило и логистичка поддршка за чистење на сметот во Општина Центар како одговор на повикот на ЗЕЛС и желбата да помогне на граѓаните на Скопје.
– Јас само одговорив позитивно на повикот од ЗЕЛС да пружам помош таму каде што е најургентно, а Скопје се соочува и со можна епидемија поради купиштата смет. Ако се сеќавате, така беше и во минатото, кога први притекнавме во помош за време на пожарот во Гази Баба. И, актуелнатата акција беше усогласена на владино ниво – рече Димитриевски.
Тој наведе дека граѓаните во Куманово знаат дека е човек од збор и дека сè што има ставено како ветување во програмата ќе го исполни.
Како приоритетни капитални проекти ги наведе изградбата на три детски градинки, три кружни текови и целосно средување на централното подрачје на Куманово. Најави и дека ќе го осовремени и ќе го надгради јавниот превоз, кој е бесплатен и кој дневно го користат околу 15.000 негови сограѓани.
Димитриевски најави и дека локалната самоуправа ќе го преземе и ќе го среди објектот на некогашниот Пионерски дом, по примерот на спортската сала и салата „Соколана“.
Во серијата реплики што ги имаше со својот противкандидат Горан Стојковски Диро, Димитиривски го нарече кандидат на „една истрошена политичко-градежна елита“ која преку него сака да продолжи со своите бизниси, а на која тој како градоначалник им застанал на патот и не дозволил да продолжат со уништувањето на градот.
Димитриевски ги повика граѓаните да излезат масовно на 2 ноември и да го заокружат бројот 2 на локалните избори во Куманово.
– Ве повикувам да гласате за континуитет, да гласате за нешто што е конкретно, а не се само празни зборови. Јас го ценам вашиот збор, ценете ги и вие делата кои успеавме да ги реализираме во минатите 8 години. Едно може да ветам – тоа што го напишав во програмата, која се потрудив да биде дистрибуирана речиси во секој дом, ветувам дека ќе го исполнам во целост, заедно со мојот тим – вети кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата