Пред да стапи на функција си мислел дека оваа државна институција ги следи метеоролошките промени. Покрај објаснувањето за значењето, достигнувањата и плановите на ова Биро меѓу другото рече и дека тој до пред некое време мислел дека ова е наука за времето.
Вака во своето обраќање вели Авдуљ-Селам Селами, кадар на ДУИ и поранешен заменик-директор на УЈП, кој денеска како нов директор на Биро за метрологија, институција под надлежност на Министерството за економија за работа со мерни инструменти за контрола на квалитет, се обрати по повод Светскиот ден на метрологијата.
-Метрологијата е наука за мерењата, метрологијата нема врска со временска прогноза во која што и јас, очигледно да ви кажам, до пред некое време грешев, мислев дека е наука за времето, рече Селами пред присутните.
Селами по професија е дипломиран правник, а негово прво вработување било инспектор во УЈП. Потоа беше заменик директор на Агенција за финансиска поддршка на земјоделието и рурален развој, заменик директор на Управа за јавни приходи, бил член на Управен одбор на Универзитетска клиника за невролоија и член на Управен одбор на ЈП „Улици и патишта“-Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата