Eлектричнитe тротинети за изнајмување на Бин Бин тивко се провлекуваат од улиците. Зад овој проект стои Бин Бин Скутер ДООЕЛ Скопје. Компанијата, дел од турската технолошка мрежа Бин Бин и своејот прв електричен тротинет во Скопје го пушти во промет во мај 2023 година.
Дали компанијата е задоволна што дојде во Македонија? Порталот Пари ги анализираше бројките од 2024 и 2023 година во соработка со Бизнис Мрежа. Приходите растат, но растат и трошоците. Растат платите, но растат и загубите.
Финансиските податоци за 2024 година откриваат дека приходот на компанијата достигнал 346.000 евра, што претставува пораст од 17 насто во однос на претходната година, кога изнесувал 295.700 евра.

Иако на прв поглед ова изгледа како позитивен сигнал за раст, суштинската слика се менува кога ќе се анализира структурата на расходите и добивката. Имено, расходите во 2024 година се искачуваат на 560,1 илјада евра, што е драстично зголемување од 49,2 насто во однос на 2023 година, кога изнесувале 375,3 илјади евра.

Како резултат на тоа, добивката останува негативна и бележи загуба од 214,06 илјади евра ‒ речиси тројно повеќе од минатогодишната загуба од 79,5 илјади евра.

Иако Бин Бин е компанија што работи на терен, со околу 550 тротинети распоредени низ Скопје, бројот на вработени е релативно скромен. Во 2023 година фирмата имала 14 вработени, а во 2024 година тој број се зголемил на 15. Иако бројот на луѓе останува речиси непроменет, просечната месечна плата пораснала од 380 на 540 евра во 2024 година, што претставува зголемување од над 40 насто.
Сепак, не треба да се занемарат ниту ризиците со кои се соочува компанијата.
Веќе во првите месеци од работењето беа пријавени бројни случаи на вандализам, уништување и кражба на тротинети, како и неправилно паркирање и користење. Според надлежните, секој ден има по 3-4 оштетени тротинети, ги поправаат, но не можат да стигнат, бидејќи веднаш потоа се оштетени други.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата