logo
logo
logo

ЌЕ ИМА “ПРЕЛЕТУВАЊЕ“ НА ПРАТЕНИЦИ ОД ОПОЗИЦИЈАТА КАЈ ВЛАСТА, еве што велат експертите за тоа

Vecer | 04.11.2025

ЌЕ ИМА “ПРЕЛЕТУВАЊЕ“ НА ПРАТЕНИЦИ ОД ОПОЗИЦИЈАТА КАЈ ВЛАСТА, еве што велат експертите за тоа

Во Владата ќе има промена најмалку поради тоа што еден министер заминува - на локалните избори, министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити беше избран за градоначалник на скопската општина Чаир. Премиерот Мицкоски уште летово најави смени во Владата за веднаш по локалните избори. Аналитичари очекуваат тоа да се случи веќе следниот месец.

Реконструкција на Владата е неизбежна, а можно е и прекројување на силите во Собранието за власта да обезбеди Бадентерово мнозинство откако владејачките коалиции на ВМРО-ДПМНЕ и на ВРЕДИ (ВЛЕН) ја потврдија победата на локалните избори, но како коалиција не си дадоа поддршка едни на други за некои кандидати во вториот круг - особено во Скопје.

Двете владејачки партијаја потврдија победата на локалните избори со најмногу градоначалнички мандати, 55 за ВМРО-ДПМНЕ и десет за ВРЕДИ, резултат што го постигнаа по вториот круг на локалните избори на 2 ноември, се вели во анализата на Радио Слободна Европа.

Аналитичари со кои разговараше РСЕ очекуваат оваа мини - промена да донесе и други рокади во Владата - и кај ресорите и кај персоналните решенија

Секако ќе има некои поместувања, премиерот најави реконструкција, можно е дури пред Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во декември или непосредно после тоа. Очекувам до крајот на годината тоа да се расчисти и да се искористи моментот за таа реконструкција“, вели Александар Кржаловски, аналитичар и директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Мицкоски уште во август летово најави реконструкција по локалните избори, со порака дека „ниту една функција не е загарантирана ниту вечна“ и со цел да се подобрат капацитетите на Владата.

Новинарот и аналитичар Назим Рашиди пак, за РСЕ рече дека „при кадровски промени имињата нема да значат многу ако Владата реално не се фокусира на потребите на граѓаните“.

Патот до Бадентерово мнозинство

Поради изборите, промени има и во составот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. На пратениците Јане Мицевски, Бети Стаменкоска Трајкоска и Дејан Проданоски, тројцата од ВМРО-ДПМНЕ, им престана пратеничкиот мандат затоа што се избрани за градоначалници.

Мицевски ќе ја води општина Сопиште, Стаменковска Трајкоска е идна градоначалничка на Кисела Вода, а Проданоски на Прилеп.

Државната изборна комисија (ДИК) утврди дека на местото на пратениците што се избрани за градоначалници ќе дојдат следните на листите: Александра Николовска и Мартин Стојановски од првата изборна единица и Мито Андонов од четвртата изборна единица.

Во актуелниот состав на македонското Собрание, од вкупно 120 пратеници 39 се припадници на малцинствата кои гласаат по принципот на Бадентер (гласови од пратениците кои припаѓаат на немнозинските заедници).

Принципот на т.н. Бадентерово мнозинство беше воведен со Охридскиот рамковен договор во 2001 година, за при гласањето за системски закони да се заштитат правата на малцинските заедници.

Тоа значи дека за одредени закони и одлуки не е доволно само просто мнозинство од сите пратеници, туку мора да има и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се во мнозинство (Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други).

Бадентерово мнозинство е потребно за реформски односно системски закони и одлуките кои директно ги засегаат културата, употребата на јазици, образованието, личните документи, употребата на симболите... За некои од нив е потребен „мал бадентер“ – мнозинство гласови од пратениците од малцинствата кои се присутни на конкретната седница, додека за другите „голем бадентер“ – мнозинство од вкупниот број гласови од немнозинските заедници.

Ова значи, дека за власта да биде комотна потребни ѝ се такви 20 пратеници.

Арбен Таравари со заминувањето во опозиција со себе повлече тројца пратеници што ја остави пратеничката група на ВРЕДИ со само 11 пратеници. Ако на нив се додадат уште три-четворица кои се од малцинствата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери, како и оние за кои се шпекулира дека би преминале на владејачката страна, неофицијалните пресметки велат дека на власта би и недостигале уште барем уште пет пратеници за да има „голем бадентер“.

Нам ни се важни реформите. Се надевам дека дел од силите и во парламентот ќе се прегрупираат во периодот што следи“, рече Мицкоски во обраќањњето по вториот круг од локалните избори, на прашање како ќе добие Бадентерово мнозинство.

Кржаловски смета дека тоа може да се обезбеди со преминување на пратеници од опозицијата кон власта.

Не е неочекувано ако такво нешто почне да се случува и во овој мандат, како што беше чест случај во претходните, да има прелетувања од партии, од еден блок во друг. За очекување е некои пратеници од ДУИ или од нивните коалициски партнери, бидејќи од 19 пратеници само десетина се на ДУИ, а другите се од нивната коалиција, да преминат во ВРЕДИ и така да се постигне Бадентеровото мнозинство“, рече Кржаловски.

Аналитичарот Небиу, пак, смета дека со оглед на мнозинството гласови што ги доби на изборите, власта има простор да избере начин како ќе стигне до Бадентерово мнозинство.

Националната алијанса за интеграција (коалицијата на опозициската ДУИ) очигледно не профункционира затоа што загуби на изборите. Мислам дека ќе има прегрупирања во оваа коалиција и можеби затоа власта е во комотна позиција“, изјави Небиу.

Во Владата има 23 министри, од кои шестмина се од партиите од коалицијата ВРЕДИ, меѓу нив и двајца вицепремиери.

Во Собранието, пак, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има 58 пратеници, а ВРЕДИ остана со 11 пратеници откако Алијанса на Албанците (крилото на Арбен Таравари) излезе од Владата.

ДУИ има 19 пратеници, од кои 10 се на ДУИ, а девет се од останатите партии во коалицијата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk