logo
logo
logo

ЗА 10-тина ДЕНА ПОЧНУВА ПОВРЗУВАЊЕТО НА ТУНЕЛОТ ПОД „ЛИМАК“, жичарата летово останува затворена

Vecer | 06.07.2026

ЗА 10-тина ДЕНА ПОЧНУВА ПОВРЗУВАЊЕТО НА ТУНЕЛОТ ПОД „ЛИМАК“, жичарата летово останува затворена

За десетина дена започнуваме со работа за поврзувањето на тунелот под ,,Лимак”, Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница, изјави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Зборувајќи за тековните проекти, Ѓорѓиевски потврди и дека наскоро ќе биде пуштен мостот Генерал Михајло Апостолски и дека се работи на адаптирање на линиите за проектот за Градски воз со што Скопје, како што вели, ќе добие поефикасен и побрз сообраќај:

– Во програмата внимателно ветував и кога стануваше збор за овој мост каде што знам дека има и судски процеси отпочнато, има неколку судски процеси коишто не зависат од нашиот ангажман како Град Скопје, кажав дека до крајот на мојот мандат ќе биде функционален мостот, но многу порано го постигнуваме тоа бидејќи ги решивме оние експропријации коишто се клучни за да можеме да овозможиме простор за движење на возила односно да го направиме функционален мостот – појасни Ѓорѓиевски и додаде:

– Не беше тоа единствениот проект којшто беше закочен изминативе 10-тина години, Момин поток со силен интензитет се реализира, таму се целосно решени имотно-правните односни, булеварот Борис Трајковски целосно се реализира, мостот на Љубљанска, решени се целосно имотно-правните односи, она што е најважно во наредните 10-тина дена започнуваме со втората фаза односно со тунелите за Лимак во делот од Центар кон Кисела Вода-спојувањето.

Ѓорѓиевски истакна дека освен тоа што се завршуваат горенаведените започнати проекти во минатото, се започнува и реализација на нови како сите оние паркови коишто се започнати, реконструкции на улици, клучки одредени и средување на делот накај Водно.

Меѓу другото, Ѓорѓиевски се осврна и на проектот Градски воз и посочи дека тој лично смета дека истиот ќе влијае на подобрување на состојбите и намалување на сообраќајниот метеж во главниот град и дека се работи на адаптирање на линиите на истиот.

– Ќе има адаптирање на линиите, има тело коешто работи во соработка од страна на службите на Градот Скопје, ЈСП Скопје, Министерството за транспорт, поточно Железници транспорт, каде што ќе пробаме на одредени позиции да ги адаптираме линиите како собирни точки на местата каде што ќе бидат железничките станици каде што граѓаните ќе можат да го користат Градскиот воз. Според мене лично, мислам дека ќе влијае на подобрување на состојбите и намалување на сообраќајниот метеж во главниот град – заврши Ѓорѓиевски.

Жичарата летово останува затворена

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски вечерва најави дека наскоро ќе има тендерска постапка за целосно сервисирање на жичницата на Водно. Тој уште еднаш нагласи дека до крајот на сезоната, жичницата нема да биде ставена во функција.

– Ќе има постапка објавена за скоро време, тендерска, во која ќе треба да се сервисира целосно. Јас кажав дека до крајот на сезоната нема да биде ставена во функција. Ако ревитализацијата биде целосно завршена и кога јас ќе бидам безбеден со моето дете да се возам во неа, тогаш ќе дозволам да работи. Во спротивно, нема да дозволам ничиј живот да биде загрозен, на кој било скопјанец или на кое било дете во Скопје, поради несовесноста на службите во минатото – напомена Ѓорѓиевски.

Во врска со дивиот пешачки премин во Чаир, Ѓорѓиевски повтори дека разговарал со градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, како и дека има две опции: да се обезбедат лифтови за надпатникот или тој да се отстрани и да се направи регуларен пешачки премин, со семафори. Граѓаните кои биле консултирани, се за поставување регуларен пешачки премин, по сите стандарди.

Во врска со минатонеделното невреме во Скопје, поплавените булевари и подвозници, како и капацитетот на атмосферската канализација, рече дека се генерално мапирани критичните точки. Суштината, според Ѓорѓиевски, е да се биде подготвен и брзо да се реагира.

– За брзо време се справивме со предизвикот, со оглед дека беше огромна количината на дожд. За 40 минути веќе беше овозможено нормално функционирање. Беа стационирани повеќе цистерни на „Водовод и канализација“, но и на нашата Противпожарна бригада помогн да го решиме предизвикот. Влеговме подготвени во процесот. Факт е дека неколку точки се критични: булеварот Србија, каде што е извесно дека скоро ќе имаме решение, како и булеварот Христијан Тодоровски Карпош. Тоа беа две од трите точки каде што имавме сериозен проблем. И третата точка каде што реално не постои можност да најдеме решение зашто толкав е капацитетот на излезот на атмосферската канализација, е делот кај Ист Гејт што се поплави – објасни Ѓорѓиевски и оцени дека проблемот е во тоа што, кога се изработувале одредени проекти, неплански и неодговорно се пристапувало.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk