Поднесено е првото обвинение за наводни измами со лажни Трамп пари, картички, и монети креирани од велешани, но не во земјава туку во САД. Американското Министерство за правда објави дека двајца велешани 25 годишен Г.С. и 39 годишната велешанка К.Ј. се обвинети за измама на голем број американски граѓани.
Во соопштението се вели дека тие со други учесници во шемата во 2023 година продавале лажни Трамп картички преку канали на Телеграм и онлајн пазар Маркетплејс 1.
Бил креиран и лажен банкарски систем ТРБ. Ги уверувале поддржувачите на Трамп дека со купувањето ќе ја помогнат кампањата на идниот претседател, и дека картичките се полни со десетици или стотици илјади долари што би ги земале кога Трамп ќе победи.
„Сите овие изјави се лаги. Производите на „Трамп Бакс“ се безвредни; не можат да се заменат во ниедна банка; и немаат никаква поврзаност со претседателот Трамп, членовите на неговото семејство или членовите на неговата администрација. Спиридонов и Јанева се обвинети за заговор за вршење измама и измама по елкектронски пат за кои максималната казна е до 20 години затвор. Обвинети се и за тешка кражба на идентитет, за која е задолжителна казна од две години затвор“, стои во соопштението на Министерство за правда на САД.
Од МВР и од обвинителстовто велат дека биле контактирани од амерканските истражители и им ги дале потребните информации.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска изјави дека полицијата ќе постапи во рамките на своите надлежности доколку се преземат потребните процесни чекори во врска со информациите од ФБИ дека двајца македонски државјани се бараат во САД за измама и кражба на идентитет, а се наоѓаат во Македонија.
„Во овој момент не можам да споделам повеќе детали од она што излезе во рамките на медиумите. Во секој случај ние ќе постапиме во согласност со нашата надлежност доколку се преземат потребните процесни чекори што треба да се преземат од страна на државата што ја напоменавте и од страна на сите други органи. Така што во делот на МВР, она што е наша надлежност, секако дека ќе постапиме онака како што треба да постапиме“, рече Тошковски.
Македонски државјани во САД се обвинети за измама со „Trump Bucks“, а жртви биле стотици Американци.
Според соопштението на Обвинителството за Јужниот округ на Њујорк и Федералното истражно биро (ФБИ), двајцата обвинети во моментов се наоѓаат во бегство во Македонија.
За сега нема барање за потерница по двајцата обвинети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата