logo
logo
logo

Обвинителот за пожарот во Кочани: ОДАМНА ТЕМПИРАНА БОМБА КОЈА ДОЛГО ДЕЛУВАЛА СО ИЗИГРУВАЊЕ НА СИСТЕМОТ

Vecer | 19.11.2025

Обвинителот за пожарот во Кочани: ОДАМНА ТЕМПИРАНА БОМБА КОЈА ДОЛГО ДЕЛУВАЛА СО ИЗИГРУВАЊЕ НА СИСТЕМОТ

Катастрофата во Кочани не настана од дејствие или пропусти на една човечка рака, не настана само како последица на активацијата на пиротехниката таа кобна ноќ на 16 март 2025 година од навидум обичен сценски ефект, пожарот е само завршниот и фатален чин на ова институционално невидливо, а реално, многу присутно и одгаено зло кое исплива на виделина таа вечер, рече обвинителот Борче Јанев од ОЈО Кочани во воедниот збор на судењето за поарот во дискотеката Пулс во кој загинаа 63 млади луѓе.

Во Кочани со клубот изоре и илузијата дека одговорните во системот се тука кога треба да заштитат. Изгоре и вербата дека оној што бил повикан, постапил навреме за да спречи. За жал, изгоре и иднината на невини луѓе кои сакале само радост и забава таа фатална вечер, не само поради огнениот вител, туку и поради вителот на долготрајна институционална неодговорност – рече Јанев.

Ако премолчиме и ја изгубиме вистината, ако не се соочиме со целосната димензија на оваа ненадоместливата

загуба и оваа невидена трагедија, никогаш нема да имаме сила како општество да тргнеме на патот кон заздравување, додаде обвинителот.

Кој дозволи работа на објектот, иако никогаш немал намена за вршење угостителска дејност?

Кој дозволи влез, без да обезбеди излези?

Кој знаеше и имаше должност да проценува ризици, а дозволи и пресмета профит?

Кој одбра и потпиша молк, наместо санкција и затворање?

Кој не ја согледа смртоносната опасност и услови за престој во овој клуб?

Во овој настан нема никаков судир на непознати и непредвидени околности. Овој настан не е несреќа или случајна игра на судбината. Се работи за цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања, овозможен незаконски пат без институционални бариери, траса без предупредувања, калкулиран ризик кој некој го прифатил, но го платија оние што немаа избор – рече обвинителот Јанев.

Обвинителот потенцира дека доказите кои ќе бидат изведени ќе покажат дека злоделото во овој настан не може да биде само казнивото дејствие на активација на пиротехниката и искрите кои достигнаа до плафонот и предизвикаа пожар. туку е злодело и самото постоење на овој објект толку години.

Клубот Пулс отсекогаш бил безбедносна смртонсна стапица, буре барут, затоа искрите без никаква пречка имаа каде да потфатат и да зацрнат и уништат толку човекови судбини.

Никулците на ова невидена катастрофа биле одамна изникнати. Доказите ќе покажат дека опасноста која демнела со години никој од овие обвинети не сакал да ја согледа и види. Меѓутоа, тие требале, морале и биле должни да ја видат и спречат – рече Јанев.

Тој додаде дека првообвинетиот, сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов бил без какви било институционални стеги и контроли за почитување на безбедносните правила и прописи, опасноста никогаш не го интересирала, а доказите ќе го потврдат тоа.

Димензијата на преземени дејствија и обемот на пропусти што постоеле кај овој човек се шокантни и запрепастувачки.

Ќе можете да слушнете и да видите на што сè бил спремен овој човек само заради профит и материјална благодет. Но, овој човек самиот не успеа да го преврти системот наопаку. Всушност, ни покажа каков систем навистина сме имале – рече Јанев.

Обвинителот истакна дека лицата кои биле одговорни за превенција и за безбедносна заштита потфрлие, а суштината на самото постоење на инспекциите е во должноста на одговорните лица во нив, превентивно да делуваат.

Рече дека првообвинетиот Јованов како низ слалом ги заобиколувал и ги отстранувал сите институционални препреки, бариери и безбедносни правила.

Во овој настан согледан во сиот обем уште во почетоците на неговото истражување, беше повеќе од јасно дека должноста молчела поради што последицата станала само прашање на време.

Во овој контекст, преку нормативна анализа се утврди дека во делот на должноста за постапување по однос на безбедносните правила и прописи секој од свој аспект на делување, директно биле повикани: локалната самоуправа односно Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот и пазарен инспекторат, Министерството за економија.

Криминалните активности на обвинетите траеле исклучително долг период, од 2012 година до 16 март 2025 година.

Ниедна од лиценците не смеела да биде издадена, зашто објектот ги немал исполнето безбедносните услови. Инспекциите не вршеле контроли никогаш. Фитилот на оваа катастрофа е уште од 2012 година, кога обвинетиот Јованов ја ангажирал проектантката Милка Едровска за прикажување на објектот – работилница за лесна индустрија, во локал за кабаре и дискотека. Тогаш Министерството за економија не издало дозвола, но за само две недели Јованов ги отстранил сите бариери.

Иако инспекторот Блашка знаела дека објектот не ги исполнува ни минимално-техничките услови, таа излажала дека се исполнети. Тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини, ја издал дозволата. Дискотеката проработела, почнала да се преполнува, а ни градоначалникот тогашен, ни локалните инспекции никогаш не направиле проверки. Тие не се јавиле ни во Пазарната инспекција, ни во Министерството за економија за неправилностите во небезбедниот локал.

Никој од обвинетите и во годините потоа, не презел ни контрола ни надзор како работи таа дискотека.

Групата ‘ДНК’ ја договориле синот и таткото Јованови. И претходно оваа група таму настапувала со истите огнени ефекти.

Критичната вечер во просторијата без вентилација и помошни излези за евакуација, агенцијата за обезбедување Рубикон и обвинетите обезбедувачи вработени во Рубикон, дозволиле дискотеката да се пренатрупа. О

безбедувањето пуштило внатре над 600 луѓе, без идентификација на малолетниците. Ако дискотеката не беше обложена со отров кој убива побрзо од пламен, немаше да се случи катастрофата во која ни изгореа 63 млади луѓе, а 212 беа повредени. Затоа ние овде бараме правда”, кажа обвинителот

Изведените докази ќе покажат дека кај службените лица во институциите опфатени со обвинението постоел јасен образец на игнорирање на безбедносните опасности и појави кои постоеле до самиот критичен момент кога настапила последицата – рече обвинителот.

За пожарот во Кочани на 16 март во кој изгореа 63 млади луѓе и деца, а 212 беа повредени, обвинети се:

газдата на „Пулс“ Дејан Јованов-Деко спроведен од затвор Куманово, Митко Стојанов, синот на Деко Михаил Јованов , Гроздан Милчковски, Милка Едровска, Тодор Јованов, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков, Николчо Коцев, Ратко Димитровски, Николчо Илиев, Љупчо Папазов, Јане Јанчески, Лазар Захариев, Ивица Грозданов, Стојанчо Димитријев, Шабан Салиу, Мартин Георгиев, Аднан Џафероски, Беким Максути, Џевад Селами, Љупчо Грнчиштанов, Ваљон Сарачини, Крешник Бектеши, Џеваир Камбери, Шевкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Хасапи, Миле Ампов, Блашка Ефтимова, Весна Кизмановска, Емил Митев, Размена Чекиќ-Дуровиќ, газдата на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ Александар Нацев.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk