Власта без поголем оптимизам, опозицијата со очекувања за взаемна почит – новата влада во Бугарија во земјава е пречекана со различни толкувања во однос на евроинтегративниот процес.
СДСМ и претседателот на партијата, Венко Филипче, упатија честитка до Румен Радев по повод изборот за премиер, но и порака со очекување за конструктивен пристап кон Македонија.
Венко Филипче, претседател на СДСМ
„Се надеваме дека новата бугарска влада ќе покаже конструктивен и разумен пристап кон Северна Македонија, со цел градење добрососедски односи кои ќе бидат во интерес на граѓаните на двете држави, без какво било загрозување на македонскиот национален идентитет, јазик и култура“, напиша Филипче на социјалната мрежа Х.
Премиерот Мицкоски, пак, иако не очекува значително подобрување на односите меѓу двете земји, сепак упати покана до бугарскиот премиер Румен Радев да ја посети земјава. За тоа што очекува од Радев во власта сметаат дека треба да се почекаат неговите први одлуки и пораки.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од своја страна, повика на конструктивен пристап и дијалог. Според неа, политичката стабилност во Софија може да отвори простор за надминување на спорот и придвижување на евроинтегративниот процес.
Инаку, политичката криза што го зафати источниот сосед траеше речиси пет години, а по осум изборни циклуси ова е првата влада што обезбеди стабилно и доминантно парламентарно мнозинство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата