logo
logo
logo

ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ 8 ФИЗИЧКИ И ЕДНО ПРАВО ЛИЦЕ, Обвинителството откри детали за злоупотребите во прилепската болница

Vecer | 29.01.2026

ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ 8 ФИЗИЧКИ И ЕДНО ПРАВО ЛИЦЕ, Обвинителството откри детали за злоупотребите во прилепската болница

Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе Обвинителен акт против 8 физички и едно правно лице за продолжени кривични дела – Проневера во службата и Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.

За дејствија на проневера предвидена во член 354 од Кривичниот законик обвинети се поранешна директорка на ЈЗУ Општа Болница Прилеп и уште тројца вработени во болницата, кои во периодот од почетокот на 2022 до јули 2024 година противправно присвоиле пари доверени во службата и прибавиле значителна имотна корист во вкупен износ од 9.605.081 денари.

Преку фиктивни налози за работа и обрасци/каси исплати со невистинита содржина за наводно извршени работи за потребите на болницата на физички лица им исплаќале средства од остварениот промет од наплата на партиципација за здравствени услуги, без користење на системот на УЈП, без склучени договори за дело и без документација за оправданост на трошењето.

Исплатите често се правдале со фискални сметки за гориво, но и со фискални сметки од пицерии, ресторани, кафеани, кафулиња, слаткарници и други угостителски објекти, односно како трошења кои не биле за потребите на болницата.

Со цел да ги прикријат дејствијата, во компјутерскиот сметководствен систем на болницата внесувале податоци со невистинита содржина и вршеле корекции на креираните записи, внесувајќи нови износи кои одговарале на фиктивно изготвени налози за работа.

За дејствијата на злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од член 275-в се обвинети поранешната директорка и еден обезбедувач во болницата, управител и двајца сопственици на правно лице за обезбедување на имот и лица, како и самата агенција за обезбедување.

Сите тие заеднички, со умисла, во два наврати, свесно ги повредиле прописите за доделување на договор за јавна набавка, со неизвршување на обврските од договорот за физичко обезбедување на болницата и со намера истиот да се изигра, па со тоа му овозможиле на обвинетото правно лице да оствари значителна имотна корист во вкупен износ од 6.567.538 денари, додека на болницата и била нанесена значителна штета.

Иако ангажираната фирма не ги исполнувала обврските од договорот, се вршела фиктивна евиденција и услугите редовно им се исплаќале по доставените фактури.

Освен ова, поранешната директорка на прилепската болница е обвинета и за продолжени кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, бидејќи во повеќе наврати кон угостителски објекти – кафеани и ресторани, како и кон колонијални продавници одобрувала исплата на средства од контото – храна за болни, иако набавените услуги и производи не биле наменети за потребите на хоспитализираните пациенти во болницата.

На овој начин и нанела поголема имотна штета на болницата во вкупен износ од 1.439.987 денари.

Во периодот од 2022 до 2024 година обвинетата вршела и неосновани исплати на додатоци за прекувремена работа на повеќе селективно избрани вработени со што буџетот на болницата го оштетила за дополнителен вкупен износ од 1.850.895 денари.

Во однос на еден дел од дејствијата кои беа предмет на истрагата поведена по кривична пријава од Управата за финансиска полиција и врз основа на наоди од Државниот завод за ревизија, продолжува истражна постапка во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk