Економските политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ даваат моќни и конкретни резултати на терен. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, невработеноста во земјава е драстично намалена од 12,5% на 11,3%, додека стапката на вработеност бележи континуиран раст, се наведува во денешното соопштение од владејачката партија.
„Дополнително, во првиот квартал од 2026 година во Македонија се евидентирани 707.385 вработени лица, наспроти 691.736 вработени лица во второто тримесечје од 2024 година. Ова претставува значителен раст на бројот на вработени и уште една потврда дека мерките на Владата се движат во вистинска насока.
Овие позитивни показатели се резултат на активните политики за поддршка на домашните компании, привлекување нови инвестиции и спроведување мерки насочени кон отворање одржливи и добро платени работни места. Владата останува посветена на создавање услови за економски раст и развој во сите региони на државата“, се додава во соопштението.
„Младите остануваат еден од главните приоритети на Владата. Со Оперативниот план за 2026 година е предвидено вклучување на речиси 6.000 млади лица до 29-годишна возраст во различни мерки за вработување, обуки и професионален развој.
Дополнително, 3.500 млади лица до 23 години кои се вработени во производствените капацитети ќе добиваат младински додаток во висина од 3.000 денари месечно, со што се стимулира нивното вработување и останување на домашниот пазар на труд.
За младите се обезбедени и практикантства, обуки, преквалификации и доквалификации, како и мерки за стекнување нови знаења и вештини кои ќе им овозможат полесно и побрзо вклучување на пазарот на трудот.
Остануваме цврсто определени кон политики што создаваат нови можности за вработување, го поттикнуваат претприемништвото и го зајакнуваат домашното стопанство. Со посебен акцент на младите, невработените и ранливите категории граѓани, продолжуваме да работиме на создавање економија што расте, отвора нови перспективи и обезбедува повисок животен стандард за сите граѓани.
Нашата цел е јасна, повеќе работни места, повисоки приходи, посилна економија и подобар животен стандард за сите граѓани“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата