Петок наутро. Вообичаен ритуал – станувам рано, се расонувам со кафе и цигари, па ги пуштам зборовите да извезат колумна за читатели. Сега не е така. Редоследот на нештата се измени и оттука – петок наутро, пијам кафе за да се ококорам, лепам очни капаци како Том, другарот на Џери, седнувам да пишувам колумна, завршувам, затворам лаптоп и се бапнувам в постела, иако веќе спијам пред да заспијам.
Живеам вампирски живот, ноќе сум буден, а денски се преправам дека не спијам. Така е, гледам фудбал, бленам во телевизор, Светското првенство ја тера својата приказна и Курасао ми е, двор ми е. Океј, гадно се нервирам кога политиката инсистира да се меша со сета своја фрустрација, која гласи: не може мене една фудбалска топка да ми го зема чаламот, па ја силува најубавата споредна работа на светот.
Кои се, по ѓаволите, главните работи ако фудбалот е спореден? Политиката? Ме нервира што ФИФА и УЕФА (и сите други федерации и олимписки комитети) се изживуваат со руските спортисти како тие лично да ја нападнаа Укрaина и демек, ако ги казнат, еве Путин ќе ја запре војната, ама кога станува збор за држави како САД и Израел, кои пак можат кого сакаат да масакрираат, одеднаш не важи истата казнена политика. Идентично ме нервира и оној глуп муабет – ги мразам САД и сакам да губат затоа што се империјалисти, како американските фудбалери (исто како руските) да се за нешто виновни.
Тука се и оние што едноставно мораат во своите муабети да му ја накачат политиката на фудбалот, не дека многу ги среќавам, особено сега откако терам вампирска рутина, ама мора човек барем еднаш прекуден да сврти круг низ населба, да испазари нешто, а таквите секогаш се тука некаде, спремни да налеташ на нив, па имаме – а бе, Русјаков, зошто имаш селотејп на очните капаци? Јас нешто мрморам меѓу две зевања, ама тој веднаш го лови зборот фудбал и ете го – ааа, не, јас првенствово ќе го прескокнам, ова веќе не е фудбал, види ги парите што се вртат таму, која бламажа чoвече, ама и тоа политиката, да ти се згади играта, а не дека не фрлам поглед, следам што се случува, ме знаеш ти мене, хехе (тука почнува да се демантира околу политиката), јас сум секогаш за оние послабите, политички обесправените и како стојат во моментов на терен, Венецуела, Куба и Украина, мене ми се они фаворити, иако моќта секако нема да дозволи да освојат титула. Венецуела, Куба и Украина не се на првенството, одговарам, не поминаа квалификации.
Па секако дека нема да поминат, дроби „праведникот“, моќта секогаш гази по слабите, ама како и да е, кои од обесправените се сега таму за да им ѕирнам некој натпревар, особено кога играат против појаки на кои политиката мора да им помогне, а? Па, од послаби, едвај зборувам, тука се, на пример, САД и Канада, но и репрезентациите од Азија и Африка. Прави кисела фаца, па исфрла – а, не брат, ме знаеш ти каков сум, хехе, пацифист во душа, мразам расисти, ама фудбал и црнци кај мене не ти проаѓа, тоа исто така е пропаганда на моќта и политиката.
И тамам некако успевам да киднам од маалски напасти, влетувам дома едвај држејќи се буден, внимателно се распакувам – паричник и торба во фрижидер, а леб, кашкавал и пиво во фиока, седнувам да запалам цигара пред да се онесвестам и правам кобна грешка – фаќам мобилен телефон и отворам социјална мрежа, кога таму статус: јас онаа ваша империјалистичко сатанска глупоќа во која дваес’ двајца испотени мажи бркаат топка, не ви ја гледам додека во светот се случуваат геноциди, луѓе гладуваат, се колат животни и нема грижа за бездомните кучиња и ако не сте знаеле, фудбалот е масонска измислица, која ги заменува гладијаторските игри во кои робовите мораа да се убиваат за богатите да се забавуваат и затоа бидете свои, бегајте од глупоќата на толпата која се пали на топка што се тркала, живејте го животот со полна плуќа, јадете здраво, станете бренд – спа, солариум, шопинг, патување, плажа и само небото нека ви биде лимит како животна дестинација.
Уф, ти благодарам! Ова твое мислење насушно ми беше потребно, оти само уште тоа ми фали во колекцијата наречена, „Разликата помеѓу кафе и твоето мислење, едноставна е – кафе побарав“. Кој Куртоа ви е, бе? Е што бе, Русјаков, да не грешам? Грешиш. Дваес’ мажи бркаат топка, голманите дремат во шеснаесетник и имаат доволно време да размислат кои спа-центри да ги избегнуваат, затоа што слушнале дека ти таму се расфрлаш со мислење.
Кај нас народот вели дека политиката е курва. Погрешна споредба. Да беше политиката курва, и јас ќе легнев со неа. Патем, курва вообичаено е многу убава жена на која ѝ се накачува тој епитет како резултат на испарување машки фрустрации при неуспешен обид да ја соблечат и одведат во постела. Политиката всушност е лисица, поточно лисици, лесно може да ти ја уапси свеста и да те приведе кон чудни заклучоци. Тоа мене ми се случи среде ноќ, за време на натпреварот меѓу Иран и Нов Зеланд.
Само што го наштелував страбизмот да го следи Брауновото движење на „бубамарата“, кога ете ја политиката, ми ја апси логиката. Па добро бе, ФИФА, дали сте вие нормални? Зошто Украина и Молдавија не се на фудбалските терени кога ги исполнуваат сите услови да влезат на Светско првенство? И што ако не поминале квалификации? Нема они што да си губат време како некои таму банана-држави кои мораат да ги прифатат познатите наци-системи – четири, четири, гасни комори за идентитетски слободи – ако сакаат да заиграат на елитни терени.
Од небото над Берлин, Париз, Брисел и Стразбур се гледа дека не само што Украина и Молдавија ги исполнуваат условите да се најдат на фудбалските терени, туку имаат толку напреднато во својата тактика што комотно можат да отворат преговори и со Европската Унија, која има далеку покомплексни квалификации. И сега што? Ирак и Иран ли треба да ги гледам и тие нивни урокливи очи, кои очигледно шират погледи на омраза со намера да фрлат месопотамиско-персиски уроци спрема своите цивилизирани западни противници. Потоа се уплашив од своите помисли предизвикани од хулигански упад на политиката среде фудбалска рапсодија, си шлакосав две шлаканици, па го исфрлив зборот нацизам од игра и го испратив на трибините на ЕУ, кај што припаѓа.
Внимавај, Русјаков, што пишуваш, да не те нотира ЕУ во следниот извештај како некој што шири антиевропска приказна!
Извинете, доктор Менгеле и мистер Филипче, нема да се повтори! Јас ноќва само потпаднав под физичко влијание на една убавица родена во Војводина, татко Унгарец, мајка Србинка, ама живее и работи во Русија, инаку сум цивилизиран, околу себе секогаш ширам европски вредности и антируска хистерија, патем сум и космополит што сака да обединува бидејќи знам дека европската култура сосе руската како дел од неа, излезени се од македонската цивилизација, само што последниве два века малку мутираа и сакаат да ја избришат својата мајка (Македонија) од историјата, сегашноста и иднината.
Александар Русјаков
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата