logo
logo
logo

Дел од Ромите го регулирале статусот, но 160 лица сè уште без документи, оценува ЕКРИ

Vecer | 05.03.2026

Дел од Ромите го регулирале статусот, но 160 лица сè уште без документи, оценува ЕКРИ

Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) заклучува дека Северна Македонија делумно ја имплементирала препораката за решавање на проблемот со личните документи и матичните броеви на Ромите кои немале доволен доказ за идентитет, а не ја спровела препораката да им се даде финансиска автономија на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Канцеларијата на Народниот правобранител.

Нацрт заклучоците на ЕКРИ за имплементацијата на овие две конкретни препораки за Северна Македонија се однесуваат на случувањата до 24 јули 2025 година, кога е примен одговорот од македонските власти на барањето на ЕКРИ за информации за преземените мерки за спроведување на препораките од 3 декември 2025 за привремено следење.

Во извештај за Северна Македонија (шести циклус на следење) објавен на 20 септември 2023 година, ЕКРИ препорача властите да им дадат финансиска автономија на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Канцеларијата на Народниот правобранител за користење на нивните буџети без да мора да бараат одобрение од Министерството за финансии.

ЕКРИ заклучува дека оваа препораката не е спроведена.

– ЕКРИ не добила никакви информации од властите или други извори што укажуваат на промени во врска со барањето Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Канцеларијата на Народниот правобранител да бараат и добиваат одобрение од Министерството за финансии пред да можат да ги користат своите буџети. ЕКРИ е информирана дека се планирани измени на Законот за Народниот правобранител, кои, меѓу другото, имаа за цел да го решат и ова прашање во однос на институцијата Народен правобранител, но овие измени сè уште не се усвоени од Парламентот. Според тоа, отсуството на финансиска автономија продолжува. Ова е исто така особено загрижувачко со оглед на општата состојба на институцијата, која во моментов се карактеризира со недоволен буџет и фактот дека само 85 од 183 работни места се пополнети – се вели во нацрт заклучоците на ЕКРИ.

Во втората конкретна препорака ЕКРИ препорача властите да ги решат долгогодишните проблеми во врска со личните документи и матичните броеви за претходно идентификуваните Роми, кои немале доволен доказ за идентитет по независноста на Северна Македонија.

ЕКРИ смета дека препораката е делумно имплементирана.

Европска комисија против расизам и нетолеранција, посочува дека добила информации од властите дека Законот за лица кои не се регистрирани во матичната книга на родените и измените на Законот за граѓанскиот регистар, се значајни чекори преземени кон решавање на прашањата поврзани со групата Роми наведени во препораката на ЕКРИ. Парламентот усвои измени на Законот за лични карти и Законот за пријавување на живеалиште, кои исто така можат да го олеснат овој процес. На почетокот на 2025 година, во Парламентот на земјата беше повторно формирана Меѓупартиската парламентарна група за правата на Ромите, чија цел е да се справи со прашањата поврзани со бездржавјанството и лицата без лични документи.

„Како резултат на тоа, според информациите добиени од ЕКРИ, од приближно 700 претходно идентификувани Роми кои немале доволен доказ за идентитет по независноста на Северна Македонија, големо мнозинство го регулирале својот статус – главно со тоа што добиле државјанство на Северна Македонија – и затоа повеќе не се исклучени од пристап до образование, вработување, јавно здравствено осигурување и исплати на социјална помош. Сепак, според властите, како и други извори, остануваат околу 160 лица кои сè уште не го регулирале својот статус и за кои постапката е во тек. Властите ѝ посочија на ЕКРИ дека предвидуваат и овие случаи да бидат решени. Во светлината на неодамнешните целокупни успеси на властите во борбата против бездржавјанството, ЕКРИ верува дека ова ќе се направи без понатамошно одложување“, се наведува во нацрт заклучоците на ЕКРИ.

Привременото следење во однос на овие две специфични препораки ЕКРИ го обнови како дел од шестиот циклус на мониторинг работа. Во рамки на мониторингот ЕКРИ до засегнатата влада испраќа прашања што е преземенао во однос на специфичните препораки за кои е побарано приоритетно следење, а во исто време и сама собира релевантни информации. Потоа, врз основа на овие информации и одговорот од Владата, ЕКРИ ги составува своите заклучоци за начинот на кој се спроведени нејзините препораки.

Треба да се напомене дека овие заклучоци се однесуваат само на специфичните привремени препораки за следење и немаат за цел да обезбедат сеопфатна анализа на сите случувања во борбата против расизмот и нетолеранцијата во засегнатата држава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk