logo
logo
logo

Врховен судија сведочи дека бил разрешен откако одбил да го потврди затворот за Јанкуловска за „мерцедесот“ (ВИДЕО)

Vecer | 19.02.2026

Врховен судија сведочи дека бил разрешен откако одбил да го потврди затворот за Јанкуловска за „мерцедесот“  (ВИДЕО)

Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд, а денес адвокат, за првпат во емисијата „Претрес со Ландов“ јавно проговори за причините за неговото разрешување во 2020 година од страна на Судскиот совет.

Катевеновски посочи дека формално бил разрешен во контекст на случајот „Кочан“, но тврди дека вистинската причина била неговиот став во врска со предметот за набавката на службеното возило „мерцедес“, во кој поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска беше осудена на затворска казна.

Во разговорот во „Претрес“, Катевеновски појасни дека како судија добил предмет од Специјалното јавно обвинителство и дека, според неговата оценка, во конкретниот случај недостасувале клучни елементи за постоење на кривично дело злоупотреба на службена положба.

„За злоупотреба мора да има доказ за штета или за корист. Овие два елемента не беа исполнети“, рече тој, објави Скопје1.мк.

Катевеновски нагласи дека не го потпишал предлогот за потврдување на пресудата и дека пред колегите изнел мислење дека предметот треба да биде укинат. Според неговото тврдење, само еден ден по изнесувањето на таквиот став, бил разрешен, а одлуката за предметот ја донел друг судија.

На прашањето дали смета дека по секоја цена морало да се потврди предметот затоа што потекнува од Специјалното јавно обвинителство, Катевеновски одговори дека не се покајал за својата одлука и дека и денес би постапил исто.

„Не само за Јанкулоска, туку за било кој – правично судење“, истакна тој, додавајќи дека принципите на правдата не зависат од личноста, туку од доказите.

Случајот повторно ги отвори прашањата за притисоци врз судиите и за начинот на одлучување во предмети со висок јавен интерес.

Фото: Скопје1

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk