Утринава во скопската населба Волково се случи сообраќајна несреќа во која патничко возило удрило во камион со приколка.
Од ударот автомобилот е значително оштетен, а делови од возилото останаа расфрлани на коловозот. Засега нема официјални информации дали има повредени лица.
Поради несреќата, улицата на потегот каде што се случил судирот е целосно блокирана за сообраќај. Ова предизвика сериозни проблеми за јавниот превоз, бидејќи градските автобуси што сообраќаат кон Волково и од Волково се заглавени и не можат да ја продолжат рутата.
Патниците се принудени пеш да се упатат кон ОУ „Тихомир Милошевски“, каде што чекаат друг автобус за да бидат преземени и да го продолжат патувањето.
До објавувањето на текстот, на местото на несреќата сѐ уште не беше пристигната полициска екипа за да изврши увид.
Се очекува официјални информации за причините и евентуалните последици да бидат соопштени во текот на денот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата