logo
logo
logo

ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ГОРДАНА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО ПОСЕТА НА ЦРНА ГОРА

Vecer | 28.11.2025

ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ГОРДАНА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО ПОСЕТА НА ЦРНА ГОРА

Традиционално пријателство, меѓусебна поддршка и разбирање и заедничкa стратешка цел за членство во ЕУ ги карактеризираат македонско-црногорските односи, беше заклучокот на денешната средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ во Цетиње.

Претседателите, како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, разговарале за европската перспектива на Западниот Балкан, предизвиците со коишто се соочува секоја од земјите на интегративниот пат, како и за можностите за нивно надминување.

Посочувајќи дека Црна Гора е земја-предводник во преговарачкиот процес со ЕУ, Милатовиќ изразил силна поддршка за секој направен исчекор во македонските интеграции.

Денешното заедничко учество на Балканскиот форум за интеграција 2025, за него е препознавање на европскиот интерес за регионот и одлична можност за споделување на искуствата.

Како поборничка на регионалниот пристап во евроинтеграциите преку меѓусебна соработка и поддршка, претседателката ја потенцирала важноста од градење добрососедски односи со отворен и искрен дијалог, со избегнување на ветото.

Сиљановска-Давкова укажала дека сѐ додека од нас се бара исполнување на дополнителни услови, надвор од Копенхагенските критериуми, ќе постои опасност од непочитување на основните вредности и принципи на ЕУ, без коишто таа се сведува на политичка и бирократска машинерија.

На средбата, Сиљановска-Давкова упатила покана за возвратна официјална посета на Милатовиќ на земјава, што тој со задоволство ја прифати.

Двајцата претседатели во Цетиње го посетија Музејот на Крал Никола.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk