Во својство на полномошник на Град Скопје и Градоначалникот на Град Скопје, г-ѓа Данела
Арсовска, изразуваме најостра реакција и целосно ја демантираме содржината на објавата од 19.07.2025 година, со наслов: „Не била само кеш понудата за Латас, ДАНЕЛА НУДЕЛА ФУНКЦИИ НА ДРУГИ ДА ГО СОБОРАТ МИЦКОСКИ“, во кој се пренесуваат сериозни и неосновани тврдења изнесени од страна на г.Стево Ќирков.
Во објавениот текст, без ниту еден проверен факт, без побарано мислење или став од засегнатата страна, се пласираат невистини за наводна понуда за именување на г. Кирков на позицијата директор на ЈУ Зоолошка градина Скопје, под услов да одржи три политички мотивирани прес-конференции и да се дистанцира од неговата политичка партија.
Со децидност потенцираме дека:
- Градоначалникот на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, никогаш не водела разговори, ниту пак дала согласност или понуда за назначување на г. Кирков на која било функција, а особено не под политички услови;
- Ниту еден градоначалник на подрачјето на Скопје нема овластување да постапува во име на градоначалникот на Град Скопје, ниту пак да пренесува ставови, понуди или одлуки од нејзино име;
-Градоначалникот на Град Скопје секогаш постапува во рамки на јавниот интерес, транспарентно и одговорно, во согласност со највисоките етички и институционални стандарди.
Очекуваме од ваша страна, како медиум што треба да се раководи според принципите на професионално новинарство и Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, да го објавите овој демант во целост и во рок од 48 часа, согласно член 13 од наведениот Закон. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги преземеме сите законски чекори за заштита на угледот и честа на Градоначалникот на Град Скопје.
Истовремено, ги повикуваме сите медиуми да се воздржат од пренесување на сензационалистички и непроверени изјави кои претставуваат удар врз интегритетот на јавните
функционери и институциите. Градоначалникот Арсовска останува фокусирана на проектите во интерес на граѓаните и на реализација на капитални инвестиции за модерен и функционален Скопје.
Со почит,
Скопје, 20.07.2025 год.
Полномошник на Град Скопје и Градоначалникот на Град Скопје Адвокат Трајче Арсов
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата