logo
logo
logo

ПО ИНФОРМАЦИИ ОД АНБ: Претреси кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов - ПОРАДИ ПОВРЗАНОСТ СО УАПСЕНИОТ СТАФА ЗА МИТО

Vecer | 18.01.2026

ПО ИНФОРМАЦИИ ОД АНБ: Претреси кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов - ПОРАДИ ПОВРЗАНОСТ СО УАПСЕНИОТ СТАФА ЗА МИТО

По добиени информации од Агенцијата за национална безбедност на Македонија, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција заедно со МВР извршило претрес на некои локации на судијата од Апелација Ѓоко Ристов, јавува К5.

Информацијата ја потврдија и од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Според неофицијалните сознанија, предметот се однесува на сомневања за злоупотреба на судиската функција, но конкретното кривично дело засега не се соопштува, бидејќи претресите сѐ уште се во тек. Полициски екипи, по наредба на јавен обвинител и со дозвола на Основен кривичен суд Скопје, влегле на локациите уште попладнево. Неофицијално, станува збор за домот на судијата.

Името на судијата Ѓоко Ристов претходно беше поврзувано со Фехми Стафа, поранешен народен правобранител, кој моментално се наоѓа во притвор поради сомневање дека примил 50.000 евра мито. Неофицијално, претресите кај Ристов се вршат по наводи кои произлегуваат од предметот во кој се гони Стафа.

Како што претходно информираше Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50.000 евра со цел да посредува и да влијае врз судија од Апелациониот суд Скопје, во врска со предмет што се водел против негов клиент, лице кое тој го застапувал како адвокат.

Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈОГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.

На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство.

На 13.12.2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата. Непосредно по примањето на парите, Стафа бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.

Лицето за кое, според обвинителските наводи, Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.

Од Обвинителството најавуваат дека по завршување на претресите ќе следуваат официјални информации за натамошниот тек на постапката, објави Скопје1.мк

Судијата Ристов во 2020 година беше избран за судија во Апелација, а претходно со години работеше во Кривичниот суд.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk