logo
logo
logo

Со палење на маските и василичарското оро ВЕВЧАНЦИ ПРОЧИСТЕНИ ЌЕ ЈА ДОЧЕКААТ НОВАТА ГОДИНА

Vecer | 14.01.2026

Со палење на маските и василичарското оро ВЕВЧАНЦИ ПРОЧИСТЕНИ ЌЕ ЈА ДОЧЕКААТ НОВАТА ГОДИНА

Со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, денеска попладне ќе заврши годинашното издание на Вевчански карневал.

Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата, чии членови го носат името посветено на Свети Василиј.

Во фокусот и на годинашното карневалско издание беа актуелните состојби во земјава и светот. Мигрантски кампови во земјава, политичката состојба во државата, инвестициите во Дубаи, запирањето на нафта и пари од САД за Куба… Креативните вевчанци на сатиричен начин ја претставија виртуелната министерка во Албанската влада, а не ги заборавија ниту претседателите на Русија, Владимир Путин и на САД, Доналд Трамп. Големо внимание привлече групната маска во кампањата за локалните избори на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, како и кампањата на движењето ЗНАМ. Во Вевчани „дојде“ и „Шареното племе“ од Африка да го избрка злото.

Поворката ја предводеа зетот и невестата заштитувани од ѓаволи и глупави августи, веднаш зад нив одеше оркестарот со зурли и тапани.

Вевчани изминатите два дена претставува отворена театарска сцена, без сценарио и режија, каде дефилираат голем број маскирани вевчанци, пред своите сограѓани, но и бројна публика од земјава и странство.

Вевчанскиот карневал, датира од настанокот на селото, со традиција од околу 15 века. Симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk