Владата ги испрати МВР, Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, а Обвинителството почна постапка во Комунална хигиена поради несобраното ѓубре во Скопје.
Се задолжуваат Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, согласно своите законски надлежности, веднаш да отпочнат со координиран вонреден инспекциски надзор на територија на Град Скопје, со цел утврдување на состојбата со комуналниот и друг вид на отпад и преземање соодветни мерки и активности.
Воедно, се задолжува и Министерството за внатрешни работи, во соработка со надлежните институции, а се укажува на Град Скопје-Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.
Вработени во ЈП „Комунална хигиена“ сведочат за хаосот во кој се наоѓа прептпријатието, откако неколку дена, повторно не се собира сметот во главниот град. Според изворот на Фактор, вработените не работат затоа што дел од нив не земаат плата, додека за нововработените пари има.

Вработениот ни откри дека оперативците не добиле плата за септември, но тврдат дека имало 300 вработувања пред два месеци на лица од Сарај, кои си ја добиле платата за септември.
„Плата за нив беше исплатена, за нас плата нема, затоа и не работиме. Дополнително, возниот парк не ни е сервисиран. Работиме со 30 проценти од возилата. Парите кои претпријатието ги има, не се трошат за сервисирање, ниту за плати, не се користат наменски, туку се цедат преку сомнителни договори за интелектуални услуги“, вели нашиот извор.
Од Комунална хигиена обвинуваат дека Министерството за здравство им должи над пет милиони евра, што предизвикува доцнење во исплатата на платите. Од Министерството за здравство го демантираат тоа и велат дека немаат никаква обврска кон претпријатието.
Тие го повикуваат МВР, Финансова полиција и сите надлежни институции, да влезат во претпријатието и да прочешлаат каде одат парите кои не им се дадени на вработените ниту пак за потребите на претпријатието за непречено вршење на работата.
Директор на Комунална хигиена е Сабахудин Рустеми, кој е петти директор поставен на чело на оваа функција од Арсовска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата