logo
logo
logo

Мицкоски побара ГАРАНЦИИ ОД ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ: ДА за членство во ЕУ, НЕ за билатерални услови (ВО ЖИВО)

Vecer | 11.10.2025

Мицкоски побара ГАРАНЦИИ ОД ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ: ДА за членство во ЕУ, НЕ за билатерални услови (ВО ЖИВО)

„Поробени, но никогаш покорени“ се зборовите со кои почнува манифестот на македонските Партизани кои го испраќаат до народот што во тоа време се соочил со најголемата воена агресија дотогаш. Во овие зборови е содржана суштината на поривот и пркосот што таа генерација го даде кон тогаш најголемата сила што светот ја познаваше. Во таа реченица се препознава одлучноста да се успее и кога многу поголеми се против вас и дека секоја битка може да се победи или да се загуби обидувајќи се да се победи, но никогаш да не се откажете дури и тогаш кога мислите дека работите изгледаат безизлезни.

Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во својот говор на Свечената академија во Прилеп по повод големиот македонски празник 11-ти Октомври.

-Потребно е за сè да се има цел и мотив за борба. Слободата беше заедничката цел на луѓето од различни народи кои тогаш се обединија. Таа генерација немаше гаранција дека ќе победи, напротив, се соочуваше со удари и препреки за секоја педа за која се бореа, но останаа непокорни и на крајот победија. Тие тогаш го сплотија народот во заедничка цел. Имаа идеја и идеал, преточен низ многу претходни борби. Ниту еден голем успех не доаѓа наеднаш, ниту незаслужено, туку многу трпеливо, со многу труд и постојанство. Впрочем, во тоа победоносно „УРА“, тој 11-ти октомври, е содржан и крикот на борците, комитетите од Илинденската епопеја. Таа долга низа на борби, во која заслуга има и организацијата што беше тврдина што го обединуваше тој неверојатен континуитет на отпор против империјата и буквите со кои историски е врзана нашата борба за слобода и своја држава – ВМРО, порача премиерот Мицкоски.

Тој истакна дека тоа беа генерации што се запишаа во нашата историја, кои ја газеа патеката што остана за многумина потоа да ја врват и да ја остават на своите деца, пренесувајќи го огнот на идеалите во кои верувавме.

-Сакам да верувам дека сите ние заедно сакаме да ја продолжиме патеката што ни ја оставија нашите предци, но она што го гледаме овие повеќе од три децении нè учи дека има и такви што сакаат да си прават свои патеки, и неретко скршнуваат од тој пат чија цел е нашата татковина. Оваа држава и нашите граѓани поминаа драматично тешки моменти. Ембарга, криминална транзиција, нечесна приватизација, воен конфликт, вета, промена на знаме, на име, устав, уценувања кон остварување на стратешките цели, срамни договори и уште многу други работи. И и секоја од нив оставаше трага врз нашата колективна свест и меморија. Токму тие лузни ги гледам во погледот и во лицата на секој еден од вас. И тие длабоки лузни ги носиме во заедничките сеќавања и во срцата на секој човек. Секој поединечно, но сите заедно минувавме низ тие премрежја. И јас, исто како и вас, ја чувствував транзицијата и периодот на неизвесност кога родителот гледа како нешто што го градел со години преку ноќ му се уништува и останува без работа. Јас, исто како и вас, чувствував кнедла во грлото од непринципиелните и неправедни договори за името, знамето, договарањата во четири очи за нашите судбини. Сакам да кажам дека никој од нас не е исклучен од свесноста за она што ѝ се случи на државата и сите овие работи ја уништуваа самодовербата и ја убиваа надежта. Многумина, тоа е причината поради која си заминаа и неповратно се иселија, рече Мицкоски во својот говор.

Премиерот порача дека оправдано, но сепак поразително за целата држава е констатацијата на многумина дека системот во поранешната држава бил многу поорганизиран од сега.

-Не е тоа толку носталгија кон тој систем, нешто што било пред три децении, колку што е пред сè револт кон нефункционирањето на системот што се гради овие три децении. А системот е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања, разочарувања. Затоа на граѓаните им се смачува од политика, од расправии за основните прашања. Затоа што премногу луѓе го заборавија моралот и вредностите што треба да бидат арматурата отпорна на сите потреси. И виновниците за сето ова имаат и име и презиме. И ги знаеме сите нивни репризи, фарси, нивните мотиви и нивните цели што не се исти со нашите. Не знаеме до кога ќе прават вака, но знаеме дека нема да дозволиме да успеат, дури и тогаш кога ќе подаруваат подароци на други држави, а и кога ќе добиваат подароци од други држави. Она што вистински го знам и го потпишувам е сознанието дека оваа генерација, оваа наша генерација, е последната шанса после која стравувам дека ќе нема простор за поправен. Знам дека ова е последната надеж за многумина што со внимание следат што правиме и како се бориме. На сите нив им велам дека ќе успееме и ќе победиме. Ве уверувам дека ќе победиме! Заедно и сложно, со целата наша сила и капацитети ќе ја застанеме Македонија  на нозе. И ќе ги поправиме сите темели што ги уриваа со децении наназад низ времето, порача Мицкоски.

Мицкоски побара гаранции од Европскиот Совет: ДА за членство во ЕУ, НЕ за билатерални услови

Премиерот Христијан Мицкоски од Свечената академија во Прилеп порача дека за да направиме  рестарт на системот, потребна е општествена мобилизација.

-И тоа не само мобилизација на политичките елити, туку мислам на длабока мобилизација на сите структури во општеството. Академската средина се подели на „про наши“ и „про нивни“, додека пак МАНУ секогаш за сите прашања е поттурнувана на страна и се водат чудни полемики за проценти на застапеност, за тоа кој бил, а кој не бил академик, наместо за проценти на искористеност на нивните знаења и искуства. Има многу прашања за кои не се прашани, но и тие некако автоцензурирачки и задоцнето реагираат. Имам чувство дека престана да се комуницира со младите кои си создадоа свој микросвет, поразличен од нашиот. Одиме заедно низ процесите, но сепак, на крај, различно зборуваме. Затоа е потребен дијалог. И кога ќе речам дијалог, најмалку мислам на она што најпрво ви поаѓа на ум – покана за лидерска средба со опозицијата, што завршува во сала за состаноци, заедничка фотографија, милион прашања, а малку одговори и изјави во кои се тркаме кој ќе биде помудриот. Туку овој пат говорам за суштински дијалог за сите општествени фактори важни за државата – академската средина, професорите, академиците, науката, младите, искусните и оние со енергија за движење напред, истакна премиерот.

Мицкоски порача дека е подготвен да го поведе тој процес и да се обединиме околу платформа, не политичка или само економска, туку општествена, за целите што сакаме да ги постигнеме како држава и патот кон тие цели.

-Дијалог што ќе биде заснован на принципи, околу кои треба да се обединат Македонци и Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите останати, Христијани и Муслимани, стари и млади, затоа што покрај сите наши разлики Македонија е само една и таа останува да биде наша татковина, а ние сите заедно немаме време повеќе за губење, посочи тој.

Премиерот истакна дека сите мора да работиме за остварување на нашите стратешки цели.

-Ако тие ги релативизираме или се откажеме од нив, тогаш остануваме без цел и без сонот на генерации Македонци што го имаа при прогласувањето на независноста. А сонот тогаш и денес беше да станеме интегриран дел од семејството на Европската Унија. Патот до таму знам дека е полн со нечесни удари, откажувања и игри, но ние имаме опција – или да се откажеме и да плачеме над својата судбина или да се бориме и на крајот да успееме. Во тој контекст е и битката на Илинденците и Партизаните била слична. Тие можеле да се откажат и да имаат и подобар или можеби еднократно поудобен живот, но знаеле за што се работи и дека, впрочем, секоја генерација го презема товарот на следната и дека мора да се борат. И денес, кога работите се неправедни и тешки, кога има такви од опозицијата што заговараат да се откажеме од преговори. Добро, ајде да го прифатиме и тоа, но истите мора да кажат која е алтернативата на тоа откажување за државата и за сите нејзини поколенија и дали имаме право да го прекинеме сонот во кој веруваме. Има и такви што ќе речат дека не е фер патот до ЕУ. Кога се формираше целта за членството во Европската Унија, никој нам не ни ветуваше фер игра, напротив, судбината на помалку бројните народи и помалите држави во голема мера зависеше од игрите на побројните народи и поголемите држави. Нашата умешност мора да биде да ги реализираме нашите цели низ еден таков контекст на работите. И секогаш мора да има план А и план Б, но целта останува иста, рече тој.

Мицкоски посочи дека нашата огромна пречка на патот кон ЕУ е прашањето со нашиот источен сосед и т.н. францускиот предлог што претходната влада сама го прифати.

-Сега тоа е пречката што мора да се отстрани. Но да не заборавиме и на едно огромно лицемерие што се гледа во тоа што истите што нè убедуваа дека нема подобар од тој предлог и дека идентитетот се штити, сега се обидуваат преку политички маневар да цртаат некакви црвени линии што треба да нè заштитат од предлогот кој што игнорантски, себично,  самите го прифатија без да ги прашаат тогашната опозиција и граѓаните. Да не навлегувам пак во овој момент во скриените мотиви за вакви прашања да се отвораат во овој момент и историјата на отстапки кон нашиот источен сосед, за која сум убеден дека времето ќе ми потврди согласно досегашното искуство на актерите. Главниот страв и грижа кај граѓаните е околу клучното прашање – дали ќе биде ова последната отстапка и дали со прифаќањето на овој предлог ќе се заврши со серијата отстапки што во континуитет се прават на штета на националните и државните интереси. И овој народ, посебно македонцкиот народ има право да биде загрижен. Затоа што од пред 25 години кога го почнавме овој пат да го одиме кон полноправно членство во ЕУ, отстапките се секогаш над грбот на македонскиот народ и Македонија како држава, рече премиерот.

Тој посочи дека од друга страна, никој нема право да очекува дека Владата која тој ја предводи ќе го прифати тој т.н. француски предлог со отворени раце и дека без било каква испорака од страна на нашиот источен сосед и ЕУ, тоа ќе биде исорачано. Јасно порача дека тоа нема да се случи.

-Мораме да го искористиме овој ден да испратиме јасна политичка порака: ДА за членство во ЕУ. Свесни сме дека тој пат за нас не беше фер и нема да биде фер. Но НЕ за билатерални услови и ДА за гаранции од Европскиот Совет, кој што мора ако навистина сака да ја види оваа мала земја која во историјата многу пати покажала дека местото и е заедно со нив во заедницата на европските народи. Да испратат еден заклучок уште на следниот Европски Совет во кој јасно ќе кажат дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, дека никој од тие 27 членки нема проблем со македонскиот јазик кодифициран пред  80 години и дека никој нема проблем од нив со повеќевековната македонска култура, традиција, обичаи на кои се основа и темели македонскиот идентитет. Да речат доста е, нема повеќе вето и препреки поради билатералните прашања, порача Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk