Вршителот на должност градоначалник во Кочани, Венко Крстевски, поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против неколку угостители поради узурпација и незаконска градба во просториите на Трговскиот центар. По инспекциски контроли, било утврдено дека состојбата во трговскиот центар потсетува на несреќата во дискотеката „Пулс“, каде што настрадаа десетици лица. Пријавата наведува дека услугите се вршат во бесправни објекти, а изготвените елаборати не ја отсликуваат реалната состојба. Крстевски очекува брза реакција од надлежните.
Тој изрази загриженост за праксата да се изработуваат елаборати кои не одговараат на фактичката состојба и најави дека инспекторите за животна средина ќе извршат дополнителни проверки. "Се потврди дека профитот за некои угостители е пред безбедноста и здравјето на граѓаните", изјави Крстевски.
Градоначалникот побара одговор и од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Државниот пазарен инспекторат зошто дозволуваат такви локали да работат и покрај заканите по јавната безбедност. Од Пазарниот инспекторат информираат дека немаат надлежност да отстрануваат дивоградби, но редовно издаваат налози за забележаните неправилности и ја известуваат општината. Од Агенцијата за храна и ветеринарство истакнуваат дека не се надлежни за овие прашања и објаснуваат дека нивната работа е поврзана со регистрација на објекти и оператори на храна.
Угостителите во Трговскиот центар сметаат дека пристапот на градоначалникот е селективен и дека рушењето на објектите нема да има позитивен ефект ниту за нив, ниту за општината. Тие побараа нова средба со локалните власти за да се разјасни кои стандарди и барања треба да се почитуваат. Во соопштението наведоа дека актуелната ситуација и трагедијата во дискотеката сериозно влијаат врз нивната работа и постоењето на локалите.
Обвинителството најави дека ќе се одржи средба со родителите на настраданите, каде што ќе биде појаснето обвинението по нивно барање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата