logo
logo
logo

ДРЖАВЕН УДАР! Обвинителството се потврдило себеси!

Vecer | 11.02.2026

ДРЖАВЕН УДАР! Обвинителството се потврдило себеси!

Обвинителството за гонење на организиран криминал во август 2025 година, донело одлука да нема истрага по кривичната пријава за бонусите на СЈО, јавува Алфа ТВ.

Тоа е периодот веднаш по 29 јули 2025 година, кога пратениците со 71 глас „за“ ја изгласаа интерпелацијата на државниот јавен обвинител, што ја поднесе опозициската Левица.

По изгласаната интерпелација, премиерот Мицкоски на почетокот на август изјави дека правните ограничувања во предизборниот период го блокираат процесот за преземање конкретни чекори за продолжување на постапката за разрешување на Коцевски.

Во истиот период, обвинителството за организиран криминал и корупција, каде се и 9 од 10 поранешни специјални обвинители - донело одлука да ја заштити неказнивоста, оневозможувајќи независна истрага и непристрасно докажување на случајот со бонусите на СЈО пред независен орган - во случајов пред Судот.

Со ова, сами себе се изземаат од правосудниот систем како недопирливи за истрага и тоа е државен удар - формирана група недостапна за законот и за одговорност.

Со тоа, обвинителството за организиран криминал и корупција де факто спроведува државен удар по принципот на СЈО како во времето на режимот на Зоран Заев и СДСМ во кој самоволието и неказнивоста за незаконското работење на специјалните обвинители останува ултимативна цел.

Одиме по ред.

Обвинителството за гонење на организиран криминал во август 2025 година, донело одлука да нема истрага за бонусите на СЈО.

Одлучиле уште во август, но не објавиле иако слуајот подолго време е во фокусот на јавноста бидејќи станува збор за потрошени 4,6 милиони евра народни пари. Одговорот на Обвинителството е идентичен како првиот пат кога ја запреа постапката, односно одлучиле дека нивните специјални колеги не направиле кривично дело со тоа што самите на себе си поделиле фантастични бонуси од 4,6 милиони евра.

„Постапувајќи по конкретниот предмет, имајќи ги предвид битијата на кривичните дела за кои беше поднесена кривичната пријава, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК изврши целосна анализа на наводите и доказниот материјал во предметот и ценејќи ги сите докази и факти, кон крајот на месец август минатата година донесе решение за отфрлање на кривичната пријава бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност“, соопштуваат од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Суспендираниот виш јавен обвинител Јове Цветановски кој заврши на дисциплинска ден по одлуката да се истражуваат хонорарите на Јанева и нејзините чарлиеви ангели, е изненаден од одлуката.

Според него, доколку надлежниот обвинител ги разгледал доказите и извршеното вештачење во предметот, одлуката ќе била поинаква.

Тој повикува надлежните институции јавно да го објават решението со кое е запрена истрагата, со цел јавноста да биде информирана за причините.

„Одлуката беше заснова врз доказите кои беа прибрани од нивна страна. Дали тие се повторно анализирани, или сега анализирале за првпат, дали од Државен завод за ревизија ги повикале како сведоци, тие што го направиле за извештајот, основот е ист како што беше и претходно. Изненаден сум, ако се разгледаат доказите не би рекол дека би донеле таква одлука“, вели вишиот обвинител Јове Цветановски.

Предметот за бонусите исплатени во СЈО беше повторно на одлучување во Обвинителството за гонење на организиран криминал, откако во декември 2024 година, Вишото јавно обвинителство постапувајќи по жалба одлучи да се отвори истрага.

Ден претходно, на 23 демекври 2024 година државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е поднесен предлог за дисциплинска постапка против вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи и јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство, Јове Цветановски.

Случајот предизвика внимание и поради несогласувањата на вишиот обвинител Јове Цветановски и шефот на вишото обвинителство, Мустафа Хајрулахи со тогашниот републички обвинител Љупчо Коцевски. Хајрулахи обвинуваше за притисоци од Коцевски токму за овој случај. Според него, суспензиите што ги добија двајцата обвинители се всушност желба на Коцевски да ги отстрани од овој случај.

Истрагата се однесува на додатоците на плата што ги добивале обвинители и вработени во СЈО. Прашањето за законитоста на овие исплати беше отворено по ревизорски извештаи на Државниот завод за ревизија, кои укажаа на незаконско делење на пари и предизвикаа сериозни реакции во јавноста.

Во меѓувреме, поранешната обвинителка од СЈО Лејла Кадриу обвини дека специјалното обвинителство работело како штаб на СДСМ. Според неа, кај нив доаѓале високи функционери на СДСМ и се работело незаконски. ВМРО-ДПМНЕ го повикува обвинителствто да ги провери овие сведочења.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk