Научниците тестираат прототип на мал нуклеарен реактор монтиран на возило, способен да обезбеди долгорочна енергетска стабилност за центри за вештачка интелигенција и специфични индустриски потреби.
Во Кина започна тестирањето на прототип на мал нуклеарен реактор што може да се транспортира со камион, што претставува значаен чекор напред во развојот на мобилни енергетски единици.
Ву Јикан, главен научен советник во Институтот за технологија за нуклеарна безбедност, го опиша системот како прва мобилна нуклеарна енергетска единица во светот од 10 мегавати. Според него, реакторот е резултат на долгогодишен развој и во моментов се бараат конкретни можности за негова комерцијална или оперативна примена.
РЕК Битола, како најголем капацитет за производство на електрична енергија во Македонија, има инсталирана моќност од приближно 675 MW до 699 MW (мегавати), составен од три блока.
Во зимски услови или при високи температури (кога се користат клими), градот Скопје може да троши и над 300-400 MW во моментите на најголемо оптоварување (врвна потрошувачка). Според спецификациите доколку по една ваква мини електрана би се поставила во 10-те скопските општини тоа би биле 100 Мегавати и би задоволила потреба на сите домаќинства, а инсдустријата би останала како потрошувач на државната мрежа.
За средините, населбите и индустријата кои се потешки за пристап и бараат скапа инфраструктура за достапност и нејзино одржување ова е идеално решение на подолг рок.
Различни примени на реактори

Овој уред, со љубов наречен нуклеарна „енергетска банка“ (Nuclear Power Bank), е дизајниран како решение за енергетска нестабилност во различни средини. Благодарение на неговите компактни димензии и исклучителна безбедност, реакторот може да работи со децении без потреба од повторно полнење. Проектот е усогласен со принципите на новата генерација нуклеарни системи, кои мора да бидат флексибилни, интелигентни и безбедни кај самиот извор на енергија.
Можностите за примена на оваа технологија се широки, од напојување на оддалечени острови и изолирани региони до снабдување со енергија во специфични, на пример, кризни услови.
Посебен акцент се става на поддршка на компјутерски системи со вештачка интелигенција и средни центри за податоци, на кои им е потребен стабилен и чист извор на енергија за одржување на масивни процеси на обработка на податоци. Покрај тоа, системот би можел да се користи за напојување на бродови, па дури и вселенски системи.
Ву Јикан истакнува дека развојот на следната генерација нуклеарни системи оди во насока на прилагодливост кон различните потреби на современото општество. Ова вклучува многу широк спектар од микроватни нуклеарни батерии за пејсмејкери до мегаватни единици за истражување на вселената и океанот. Овој пристап овозможува нуклеарната енергија да стане подостапна и интегрирана во секојдневните технолошки процеси, известува SCMP.
Кинеските експерти веруваат дека ваквите мобилни системи ќе ја елиминираат добро познатата „анксиозност“ поврзана со капацитетот на батериите во критичните сектори. Имплементацијата на мобилни нуклеарни единици би можела да обезбеди континуирано работење на инфраструктурата без зависност од традиционалните енергетски мрежи, со што Кина поставува нов стандард во глобалната енергетска транзиција и технолошкиот развој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата