Државно-црковна делегација на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, во Рим ќе му оддаде почит на св. Кирил, во рамки на традиционалната манифестација посветена на сесловенските просветители.
За време на престојот во Италија, претседателот на Парламентот Гаши денеска во Ватикан ќе има аудиенција кај папата Лав XIV и средба со Пјетро Паролин, државен секретар на Светата Столица.
Поклонението во чест на св. Кирил ќе биде утре во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, каде што свештенослужители на Македонската православна црква, предводени од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, ќе одржат молебен на гробот на светителот и творец на словенската писменост.
Македонската делегација ќе ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“ каде што претседателот Гаши ќе положи венец на спомен-плочата напишана на македонски јазик. Таа е поставена во 2015 година како благодарност од македонскиот народ за гестот на папата Адријан Втори, кој во 868 година, во оваа базилика ги осветил словенските книги што во Рим ги донеле браќата Константин (Кирил) и Методиј. Во базиликата „Санта Марија Маџоре“ делегацијата ќе го посети и гробот на папата Франциск, кој почина минатата година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата