Македонија располага со рудни проекти кои би можеле да донесат стотици милиони евра и да придонесат за економски развој, се наведува во Стратегијата за минерални суровини подготвена од МАНУ.
Според проценките, инвестициите во Иловица и Плавица можат да генерираат околу 770 милиони евра, со акцент на отворање работни места, подобрување на инфраструктурата и заштита на животната средина преку рекултивација и мониторинг.
„Тоа се средства кои треба да се издвојат од Буџетот на Република Северна Македонија и не вклучуваат инвестиции во отворање на нови капацитети на метали, неметали и енергетски капацитети.
Според податоците добиени од околу 20 компании со помош на прашалници, се предвидува во следниот период од 5-10 години да инвестираат некаде околу 500 милиони ЕУР. Дополнително на овие средства потенцијалното отворање на Иловица и Плавица се проценува дека би чинело околу 770 милиони евра“, се истакнува во Стратегијата.
Засега не постојат најави во јавноста за рестартиртирање на дамнешниот проект за рудник во Плавица, пробиштипско, додека пак инвестицијата за рудник за бакар во Иловица е во застој поради административни пречки.

Инвеститорот, тогаш го најави рудникот како најголема странска ,,гринфилд” инвестиција во нашата држава и само во првите две години, односно првата фаза на изградба на рударскиот комплекс ќе се реализира почетна инвестиција од 340 милиони евра.
Дополнително, во текот на целиот период од оперативното работење би се исплаќале околу 75 милиони евра секоја година на повеќе локални и регионални компании за тековно одржување, снабдување со неопходни производи и разни сервисни услуги, а со оглед на претходните тарифи за концесии беа најавени и исплати од по 24 милиони евра годишно за законски давачки, даноци и такси во државниот буџет, како и по три милиони евра за општинските буџети.
Инаку, со новиот план Македонија ќе ги зајакнува ресурсите на Геолошкиот завод, ќе ги испитува капацитетите на критичните минерали кои ги поседува и ќе формира Секретаријат кој ќе биде олеснувач за минералната индустрија. Во период од две години, МАНУ и Заводот треба да изработат Каталогот на минерални суровини.
Како што се истакнува, „на Геолошкиот Завод да му се даде задача, во период од две години, да направи анализа на потенцијалите за екстракција и рециклирање на критични метали и критични минерали во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а со поддршка на рударската индустрија и индустријата за рециклирање“.
„Направената анализа треба да се поврзе со вкупните потреби на Европската Унија за критични метали и минерали. Резултатите од таквата анализа би можеле да бидат добра основа за стимулирање на поефикасната употреба и поефикасното искористување на македонските метали и минерални ресурси, да покаже како Република Македонија може да придонесе да се зголеми покриеноста на индустријата на Европа со користење на домашните минерални суровини, а истовремено и да ги зголеми можностите на Европа за извоз на критични метали и минерали, како и да се идентификуваат потенцијалните деловни можности за развој на нови бизниси“, пишува во Акцискиот план 2026-2030.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата