Претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство во владата на Зоран Заев, Венко Филипче вели дека не чуствува вина за случајот „Онкологија“ за кој Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истрагата и до Основниот кривичен суд Скопје во четвтрокот на 22 мај 2025 година, поднесе две обвиненија со кои се опфатени шест лица, и тоа медицинскиот директор, организацискиот директор на Клиниката и четворица онколози, меѓу кои и еден поранешен директор.
Проценките на Обвинителството се дека е направена штета од околу 30 милиони евра.
- Вина не чувствувам апсолутно, добро е што има процес, истакна денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче и поранешен министер за здравство во одговор на новинарско прашање дали чувствува вина за случајот Онкологија.
Според Филипче, излегло обвинението за случајот и ќе следи судски процес со што, како што вели, на виделина ќе излегла лажната кампања против него.
– Да видиме што ќе покаже судскиот процес. На виделина ќе излезе една лажна кампања, којашто ВМРО-ДПМНЕ ја организираше против мене лично, со анкетната Комисија на којашто изнесоа лаги и клевети дека јас во рамките на ингеренциите во Министерството за здравство некои работи не сум ги извршувал. Јас ги покажав во јавноста и документите дека тоа не е така и дека сите ингеренции на министерството што се однесува во тој дел се апсолутно извршувани, дури и во најтешките ковид времиња- изјави Филипче.
Тој додаде дека секој кој го прекршил законот треба да одговара.
Две обвиненија
Дваесет и девет пациенти со рак примиле несоодветни дози на терапија и биле неправилно лекувани на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопјe, утврдија медицинските експерти во истрагата за случајот „Онкологија“.
Лековите се купувале по принципот на обратна исплата без никаква законска основа за тоа, се спроведувале постапки за јавни набавки кои биле бесмислени, бидејќи добавувачите фактурирале претходно купени лекови, што предизвикало штета на државниот буџет на Северна Македонија.
Во четврток, на 22 мај, Основното јавно обвинителство поднесе две обвиненија во случајот „Онкологија“. Првото се однесува на финансиски злоупотреби, а второто се однесува на третманот на пациентите.
Повеќето од дејствијата се во временски период од 2018 до 2022 година.
Истрагата за случајот „Онкологија“ започна по медиумските написи за злоупотреби во третманот на пациенти со рак, а меѓу другото, беше објавено дека скапа биолошка терапија завршува на црниот пазар во Косово.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата