logo
logo
logo

Конечно! ЌЕ СЕ СРЕДУВА СОСТОЈБАТА СО ПАРКИНЗИ ВО “ДРЖАВНА БОЛНИЦА“

Vecer | 07.03.2026

Конечно! ЌЕ СЕ СРЕДУВА СОСТОЈБАТА СО ПАРКИНЗИ ВО “ДРЖАВНА БОЛНИЦА“

Министерството за здравство (МЗ) и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички.

Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг, а доколку се утврди дека капацитетите дозволуваат да се паркираат и приватни резиденти, ќе се овозможи и таква опција.

Паркинзите ќе имаат нов систем за евиденција и наплата преку кои ќе се врши детекција на слободни места и ќе се овозможи полесен и побрз пристап, а пациентите ќе ги користат по истите цени и по повластени услови.

Ова, нагласија Алиу и Ѓорѓиевски, е капитален проект не само за Скопје, туку за цела Македонија и со него ќе се реши досегашниот децениски хаос со паркирањето во Клиничкиот центар.

– Договорот за давање под закуп на недвижни ствари со непосредна спогодба со Град Скопје предвидува организирање, управување, уредување и одржување на паркиралиштата во комплексот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Град Скопје има обрвсрка во следните 60 дена да достави акциски план за спроведување на активностите со конкретни рокови за импелементација. Договорот е на 15 години, со закупнина во висина од 10 отсто од вкупно остварениот промет, а Град Скопје ќе почне со проектирање и изградба на катни гаражи и инфраструктурно уредување.

Проектот значи модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање за околу 50 отсто. Закупецот е должен пред Советот на Град Скопје да предложи ценовник за паркирање со билети за корисници за комерицјална употреба на здравствени услуги, за пациенти со малигни заболувања и за вразбоптените во Клинички.

Проектот ќе предвидува комплетен мониторинг на паркирањето и дигитален водич за граѓаните, хортикултурно уредување на просторот, паметен паркинг-систем со сензори за детекција на слободни паркинг-места, мобилна апликација, поврзување со фискален систем…- истакна министерот Алиу.

Според градоначалникот Ѓорѓиевски, наместо приватен инвеститор, паркинзите ќе ги гради Град Скопје што ќе оневозможи поскапување на билетите и остварување бизнис профит.

– Во минатото беа планирани други цели за паркингот на Клинички, особено јавно-приватно партнерство ЈПП) со што интересот на граѓаните ќе беше во втор план зашто кога ќе се случи ЈПП и кога ќе влезе приватен инвеститор и цените ќе се зголемат. Дојдовме до соломонско решение, Наместо приватен, инвеститор ќе биде Град Скопје.

Наредната недела, в четврток, ќе правиме ребаланс на Буџетот, а една од точките ќе бидат монтажните паркинзи, два во првата фаза со најмалку 500 паркинг места за почеток. Ако се покаже дека има потреба од повеќе, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг.

Тоа ќе биде генерално решавање на хаосот што владее со години на Клинички. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни резиденти, ќе овозможиме и таква опција, но фокусот ќе биде задоволување на потребите на пациентите и на вработните во Клинички.

Планираме по ребалансот ќе биде распишана тендерска постапка – проектирање и изведба. Операторот што ќе го добие тој проект, ќе треба да го заврши во рок што ќе го утврдиме со МЗ, но тоа нема да биде повеќедецениски проект. Се надевам дека до втората половина на наредната година двата монтажни паркинга ќе бидат ставени во функција.

Ќе бидат ултра современи, со нов систем за евиденција и наплата, точно ќе се врши детекција на слободни места, ќе се овозможи полесен и побрз пристап и ќе се спречат дополнителните нервози кај граѓаните – подвлече Ѓорѓиевски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk