Опозицијата манипулира и клевети, но граѓаните ја знаат вистината – изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на критиките од страна на опозицијата дека власта не прави доволно за граѓаните за справување со претстојната енергетска криза.
– Претседателот на СДСМ се повика на мерките коишто биле преземени за време на Ковид- кризата и пандемијата. И правеше разлика и споредба на оваа мерка со тие мерки и по што тие ќе останеле запомнети. Но заборави да каже дека единственото нешто по коешто ќе бидат, од тогаш запомнети е фактот што како држава, најлошо се справивме со ковид-пандемијата. Односно имавме најголем број смртни случаи по глава на жител, споредено со сите европски земји. Заборави да ја спомне мерката неколку десетици милиони евра уплатени на „Стабри” компанијата од Хонгконг, којашто наместо специјализирана за набавка на вакцини е специјализирана за трговија со јужно овошје. Заборави да каже за бруталниот поткуп на изборите во 2020 година кога со уредби со сила на закон се менуваа закони во пет до дванаесет. Заборави да ја спомне и трагедијата во модуларната болница овде, кога луѓе живи гореа. Бидејќи тие модуларни болници се дел од мерките што Владата на СДСМ и ДУИ ги носеше во тој период. Заборави да каже за сите оние провизии од тендери. Заборави да каже како коленичеа на граница да добијат 5.000 вакцини донација од соседна Србија. Заборави да каже како македонските граѓани во отсуство на грижа од страна на Владата, коленичеа во соседството да добијат и да аплицираат вакцина против ковид. И заборави, три точки, уште многу работи да каже – рече Мицкоски.
Тој ги нарече лажни и клеветнички прес-конференциите на опозицијата, на кои може да се слушнат само конструкции и измислици.
– Тие повторно ги навредуваат граѓаните и мислат дека политиките на СДСМ и ДУИ од минатото, можат да ги споредуваат со политиките од оваа Влада. А граѓаните тоа го гледаат и, впрочем, тоа го кажаа на претходните локални избори, а ќе го кажат и тоа на следните парламентарни избори – рече Мицкоски.
Инаку, реакцијата на премиерот доаѓа по серија критики од страна на Венко Филипче, кој во изминатите денови ја обвини Владата за погрешни политики и оддалечување на земјата од европскиот пат, како и за поврзаност со одредени бизнис интереси.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата