Иако во 1992 година обидот за поткуп на Грција бил неуспешен поради одбивањето на тогашниот претседател Глигоров да го смени името Македонија, декласифицираните документи на ЦИА, според методот на правна аналогија (аргументум а симили), содржат елементи за постоење на основани сомненија (кои во постапка треба да се подигнат на ниво на докази) за „сериозни финансиски замешателства од трети страни“ во врска со потпишувањето на Договорот од Преспа.
Доказите што ќе се прибават ќе треба да бидат изнесени пред надлежен меѓународен суд, при што треба да одговорат на прашањата: дали она што не се успеа со коруптивен предлог од 100 милиони долари во 1992 година беше реализирано на идентичен начин три децении подоцна, на кој начин и од кого.
Неодамнешната јавно објавена информација дека ЦИА ја тргнала тајноста на нејзините податоци дека поранешниот прв претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, одбил 100 милиони долари понудени од Грција за да го смени името, траеше според народната – секое чудо за три дена!
Дали е ова точно или се работи нешто на разоткривање на оваа информација, со цел да се откријат можните актери на овој понуден дил? Имало ли некој посредник? Кои биле сватовите за невестата Македонија да ја омажат со зет што таа не го сакала? Во јавноста нема информации за тоа, но не ја исклучуваме можноста дека можеби се работи нешто, затоа што прашањето е преголемо и претешко и во историска смисла за да остане неодговорено.
Логично е ова да се постави на маса, затоа што декласифицирањето ваков важен документ не е случајно, особено што сега во Вашингтон, како и во разузнавачката агенција на САД, ЦИА, дуваат нови ветришта, либералните структури одат во архива, а притоа се обелоденуваат и нејзини актери и коруптивни акции. Укинувањето на агенцијата УСАИД не е случајно, а таа е дел од едно политичко милје и мрежа во која се заплеткаа суверенитетот и интегритетот, па и опстанокот на Македонија и на македонската нација.
Тие 100 милиони биле наменети главниот „кочничар“ за промена на името на Македонија, Глигоров, да додаде Славомакедонија и на тој начин да се реши прашањето онака како што сакала Атина. Оваа сума, според многумина, е нешто ново, затоа што претходно се зборува за куферче со пари, за злато, важни артефакти (чии?) за 5 милиони, според мемоарите на Киро Глигоров насловени „Македонија е сè што имаме“.
Ќе ги испита ли некој наводите на ЦИА?
Според ЦИА, обидот за поткуп се случува во 1992 година, а три години подоцна откако оваа коруптивна акција не успева, на претседателот Глигоров му се случува атентат среде Скопје, сè уште неразјаснет, од кој само поради божја волја тој останува жив иако тешко повреден.
Во август 2001 година, во рамките на шатл-дипломатијата, македонската министерка за надворешни работи Илинка Митрева по Анкара, каде што е примена од колегата Исмаил Џем, заминува за Атина, каде што разговара со Џорџ Папандреу. Потоа во приватна комуникација лично ми кажува дека тогашниот премиер Костас Симитис и македонскиот Љубчо Георгиевски ставиле параф на документ за промена на името во „Северна Македонија“.
Нејзините зборови беа: Нашиот потпишал.

Дали во меѓувреме овие 100 милиони им се нашле на грчките дипломати преку тајни канали да ги трансферираат кон Македонија и да подмачкаат промена на името е сосема неизвесно.
Но вреди да се спроведе и домашна и меѓународна истрага за да се види дали каде што има чад (од долари) има и оган (од запалена држава, и фигуративно и реално ако се земе предвид конфликтот во 2001 година). И конечно, дали овој документ може да се земе како сигурен доказ за корупција кога станува збор за промената на името на Македонија.
Ова дотолку повеќе што пари се спомнуваат јавно и во грчката меѓупартиска пресметка меѓу СИРИЗА и Нова демократија, како две главни партии, при што се спомнаа тајни фондови во грчкото МНР, како и пари трансферирани од Фондацијата на Сорос.
Иако во 1992 година обидот за поткуп на Грција бил неуспешен поради одбивањето на тогашниот претседател на Македонија да го смени името Македонија, декласифицираните документи на ЦИА, според методот на правна аналогија (аргументум а симили), содржат елементи за постоење на основани сомненија (кои во постапка треба да се подигнат на ниво на докази) за „сериозни финансиски замешателства од трети страни“ во врска со потпишувањето на Договорот од Преспа.
Доказите што ќе се прибават ќе треба да бидат изнесени пред надлежен меѓународен суд, при што треба да одговорат на прашањата: дали она што не се успеа со коруптивен предлог од 100 милиони долари во 1992 година беше реализирано на идентичен начин три децении подоцна, на кој начин и од кого.
Секој договор склучен на коруптивен начин е ништовен!
Со отворањето на процесот, кој треба да има и меѓународен и внатрешен карактер, треба да се докаже ништовноста на Преспанскиот договор по силата на меѓународното и на внатрешното право и конечно да го затвориме тоа поглавје од историјата на Македонија, и од политички и од правен аспект. Меѓународната конвенција за договорно право е јасна – секој договор склучен на коруптивен начин може веднаш да се прогласи за ништовен. Тие, пак, што биле дел од корупцијата ќе треба да седнат на клупа за обвинети и на тој начин ќе се затвори криминалниот круг, а правдата ќе победи во интерес на иднината на една нација.
Има ли Македонија доволно докази да го направи тоа? И има ли политичка волја да се тргне по тој пат, кој во моментов изгледа можен, па и кус, затоа што не се потребни многу години чекање? Имаме искуство со случајот пред Меѓународниот суд на правдата, каде што правото застана на македонска страна. Што би било сега различно?
Добро осмислена операција
Сега најверојатно би се открила целата коруптивна шема, која почнува уште во раните 80-ти години на минатиот век, кога Грција веќе се подготвува за распадот на Македонија, односно за падот на Берлинскиот ѕид.
Таа сериозно се подготвува да ја начека пред дипломатски оган независна Македонија, па дури рекоа и дека ќе го употребат нуклеарното оружје во форма на вето. Речено-сторено. Меѓутоа, според повеќе новинарски анализи, не станува збор за 100 милиони долари, кои за една ваква обемна и добро осмислена операција се скромни средства.
Во игра се суми од над една милијарда долари, ако се земат предвид глобалните акции на грчката дипломатија, кои честопати се покриени со реклами во светски медиуми за тоа која е Грција и дека Македонија ѝ ги краде историјата и нејзиното наследство.
Но постои и таканаречена „долар-дипломатија“, што значи давање награди за важни дипломати, крстосувања, добри одмори на висока нога, па, ако треба, и добар кеш. Не е тајна дека и посредникот во преговорите Метју Нимиц ја искористи можноста да дише грчки воздух на море и покрај море и да јаде грчки специјалитети. За друго немаме информации.
Пред осамостојувањето на Македонија се случуваат серија потези за кои малку се знае. Едниот е многу важен и се случува во 1989 година, кога Светскиот еврејски конгрес од Женева (главното седиште сега се наоѓа во Њујорк) донесува одлука со која македонскиот народ го става под заштита на Евреите и еврејската држава.
Тоа секако не им се допаѓа на многу држави, а секако не на Грција. Дел од таа структура (три члена) подоцна ќе бидат клучни луѓе во кабинетот на Џорџ Буш, кога и ќе се случи признавањето на Македонија под уставното име (ноември 2004 година). Во 1991 година Свис банк и ЕБРД (Чарлс Франк) нудат помош за Македонија од 3 милијарди долари во револвинг кредит. Зделката под несреќни политички односи во Македонија пропаѓа. Во тој период во македонската политика се лепи името на разжалостениот грчки генерал Николаос Грилакис, кој се смета за клучниот човек што се користи да го корумпира Глигоров за да го смени името на државата.
Најверојатно во трансферот на парите би учествувала некоја банка од Кипар, ако се земе предвид една средба на Грилакис со директор на една поголема кипарска банка во 1987 година токму на тој поделен остров.
Според оваа патека на движење на контроверзниот Грилакис, кој за чудо наоѓа политичко засолниште во Македонија, очигледно долго време работел на случајот со името. Од овие информации не мора ништо да е сосема точно, но може да се сметаат за индиции и би биле дел од истрагата за еден од најкоруптивните случаи на европска почва. Нема случај една држава да си го сменила името на ваков начин на европска почва. Ниту, пак, некој барал од друга држава такво нешто.
Падна првата жртва на Преспанската спогодба

Ќе потсетиме дека првата жртва на Преспанскиот договор падна токму во Грција, кога тогашниот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, како еден од креаторите на тој договор, поднесе оставка, која беше прифатена од премиерот Алексис Ципрас.
Но, како главна причина за оставката не е само Преспанскиот договор, односно Планот Б за Македонија, туку тајниот фонд што го имал министерот, а наводно, како што го обвини колегата Панос Каменос, парите му легнувале од фондациите на Џорџ Сорос. Практично, Коѕијас бил мотивиран од парите на Сорос да го истурка договорот за името. Фондот наводно бил околу 50 милиони долари.
Прашањето е логично по ова – дали пари се прелевале и во Македонија, затоа што е нелогично тоа да било само на една страна, оти е јасно дека и другата била инволвирана во преговорите, а секако голема улога играла и тајната дипломатија.
Кај нас веднаш се помислува на осумте пратеници што пребегаа од ВМРО-ДПМНЕ затоа што виделе „можност за напредок на Македонија“?!
Но, ако тие се подмачкале со дел од тие 50 милиони, зборуваме хипотетички, иако се појавија информации дека секој добил по два милиони и им се тргнале можните судски случаи, колку би требало да земат главните актери? И кои се тие, кои се главните актери? Кои се медиумите во Македонија што биле подмачкувани за да ја подготвуваат атмосферата за промена на името, информација што беше обелоденета во Грција? ЦИА ни телефонираше, ќе го крене ли некој телефонот во Македонија?
За корупција нема застареност
Правни експерти истакнуваат дека постоењето на документирани индиции, како што се разузнавачки извештаи за понуди за поткуп или тајни фондови наменети за политички преврат, претставува релевантен доказен материјал пред Меѓународниот суд на правдата.
– Во меѓународното право, докажаната умисла за корупција го урива легитимитетот на секој асиметричен договор. Државата што се наоѓа во таква позиција има не само право туку и обврска да поведе постапка за утврдување ништовност, бидејќи суверенитетот не е предмет на трговија. Секој акт што е купен со пари или изнуден со притисок, порано или подоцна, се соочува со својата правна неодржливост пред меѓународната правда – заклучуваат експертите.
Тие додаваат дека меѓународното право ретко поништува договори откако тие веќе почнале да се применуваат („rebus sic stantibus“), но корупцијата е една од ретките апсолутни основи за ништовност каде што не важи застареност доколку се докаже дека согласноста била криминално изнудена
Христо Ивановски (Нова Македонија)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата