„Ф-Групација“ која се занимава со електронски отпад има штети во пожарот кој ги зафати нејзините објекти во скопско Трубарево и доведе до труење на блиската околина. Фирмата не е непозната за јавноста - работи од 1998 година и е во сопственост на Даниела Налепа-Дамеска.
Фактор и претходно има пишувано за „Ф-Групација“, која е меѓу фирмите кои обработуваат и отстрануваат опасен отпад. Фирмата е овластена за преземање отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии, но и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила и секаков електронски отпад.
Низ годините, приходите на оваа фирма растеле, но заедно со нив и расходите. Добивката пак, низ годините доживува вистински осцилации.
„Ф-Групација“ ја завршила 2022 година со приходи од 268 илјади евра, но по расходите имала добивка од 14 илјади евра. Во 2023 година, приходите биле поголеми - 279 илјади евра, но се намалиле расходите, па така, фирмата останала со добивка од 50 илјади евра. Приходите растеле и лани. Фирмата ја завршила 2024 година со над 347 илјади евра, но заедно со тоа, растеле и расходите. Добивката на фирмата лани изнесувала над 8 илјади евра.
Налепа-Дамеска пак, управува и со подружницата на „Ф-Групација“, „ЕЕ-Рециклажа“, но e и основач на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад - членка на меѓународната организација за цврст отпад.
Пожарникарите се бореа со пожарот кој избувна во објектите на „Ф-Групацијата“ и згаснат е за помалку од 24 часа. Опасниот електронски отпад кој е опфатен со пожарот пак, се изолира и со гаснење со песок, а мерењата покажуваат дека токсичната материја има површина на загадување доо 400 метри во круг околу отпадот, додека ветрот го растурил чадот пред се кон североисточната страна на Трубарево, најмногу во правец на рафинеријата ОКТА.
Се вршат криминолошки истраги за причината и условите на складирање како и хемиски анализи на воздухот и почвата во околина на пожарот.
Во врска со пожарот во магацински објекти во селото Трубарево, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија за утврдување важни факти и обезбедување докази за понатамошна постапка.
- Јавниот обвинител вчера упати барање за поддршка до Началникот на Генералштабот на АРМ за вклучување на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата која со специјални инструменти изврши мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот.
Известување со резултатите од првичните мерења е доставено до обвинителството. ОЈО Скопје ги очекува резултатите од извршените мерења и од надлежните служби на Министерството за животна средина - се посочува во соопштението на Обвинителство.
Од обвинителство посочуваат дека Јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот.
- Во следниот период, по создавање на услови и обезбедување на податоци за видот на складираните објекти, ќе биде наредено вештачење за да се утврди видот на контаминација и последиците од загадувањето.
До овој момент во опожарениот објект нема услови да се врши увид на лице место, а припадниците на МВР и натаму се задолжени да ограничуваат пристап на сите неовластени лица и на лица кои немаат соодветна заштита - посочуваат од ОЈО.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата