Премиерот Мицкоски денеска рече дека и покрај тоа што цената на храната во април бележи минимален раст од под 1% под влијание на поскапиот транспорт, Владата со таргетирани мерки успева да го одржи ударот под контрола, особено во услови кога соседните земји како Бугарија и Хрватска веќе се соочуваат со инфлација од над 6%.
„Многу е важно да се истакне дека според Меѓународниот монетарен фонд, ние сме меѓу првите три држави во светот согласно мерките што ги аплицираме како процент во ДДВ за време на оваа криза. Иако не сме имуни на глобалните движења, нашиот фокус е преку таргетирана поддршка кај клучните енергенси и суровини да обезбедиме побрзо запирање на инфлаторниот бран“, истакна Мицкоски.
Наместо краткорочни решенија кои вештачки ги прикриваат проблемите, Владата се фокусира на одржливи политики. Премиерот најави оптимистичко сценарио за претстојниот период, нагласувајќи ја посветеноста на институциите за враќање на економската рамнотежа.
„Очекувам веќе од следниот месец инфлацијата да се спушти под 4%. Доколку дојде до стабилизирање на состојбите во Заливот, нашите проекции се дека до крајот на годината инфлацијата ќе се движи во посакуваните рамки меѓу 2 и 3 отсто“, додаде претседателот на Владата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата